Пратениците од власта и од опозицијата со меѓусебни обвинувања во врска со работата на собраниската Постојана анкетна комисија за заштитата на слободите и правата на граѓанинот на која треба да биде разгледан заклучокот за Охрид како заштитено подрачје под УНЕСКО.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Трајчо Димков на денешната прес-конференција во Собранието рече дека СДСМ со денови ја опструира работата на Постојаната анкетна комисија за заштитата на слободите и правата на граѓанинот.
– Јавно ги повикуваме пратениците на СДСМ да одговорат зошто не доаѓаат на оваа значајна Комисија и со тоа ја попречуваат работата на седницата. На СДСМ не им одговара заклучокот што неминовно ќе произлезе доколку заседава оваа комисија, а се однесува на скандалозниот закон за управување со Охрид како заштитено подрачје под УНЕСКО, што го поднесоа во Собранието, па експресно го повлекоа и отидоа со лажен закон пред Комитетот на УНЕСКО во Баку – рече Димков.
Тој посочи дека на заинтересираните, поточно невладината ФРОНТ, им е оневозможен слободен пристап до информации од јавен карактер.
– Собранието не може да донесе заклучок за да се утврди одговорност на носителите на јавните функции и да помогне во заштитата на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер. Ги прашуваме пратениците, дали само она што и одговара на власта е од јавен интерес и зошто тие како претставници на граѓаните не овозможуваат штитење на јавниот интерес. Преку оваа анкетна комисија СДСМ си ја покажа дволичноста пред целата македонска јавност – рече Димков.
Независната пратеничка Никица Корубин, која го претстави ставот на пратеничката група на СДСМ и коалицијата во однос на работата на Постојана анкетна комисија за заштитата на слободите и правата на граѓанинот, изјави дека точката на дневниот ред, која била поставена од претседателот на оваа Комисија воопшто не треба да биде точка на дневен ред, од формално-правен аспект. Додаде дека се работи за претставка од невладина организцаија за слободен пристап до информации од јавен карактер, која тие ја побарале и ја добиле од страна на Владата и од Комисијата за слободен пристап на информации од јавен карактер.
– Постојаната анкетна комисија за заштитата на слободите и правата на граѓанинот е специфична комисија која е уставна категорија во Собранието, која има многу големи и широки надлежности и која се занимава со сериозни нарушувања на слободата и правата на граѓанинот. Сметаме дека таа не треба да биде употребувана за права кои едноставно се остварени на друг начин – рече Корубин.
Сметавме, како што рече, дека тоа воопшто не треба да биде ставено како точка на дневен ред и во процедурална забелешка го кажавме до Комисијата.