Власта и опозицијата и натаму на своите позиции за законот за ЈО

89

Нема напредок во разговорите меѓу власта и опозицијата за законот за Јавно обвинителство, но и покрај тоа двете страни се отимисти дека компромис сепак е можен доколку спротивната страна го прифати туѓиот предлог.

И покрај тоа што работните групи на власта и опозицијата до 15 август паузираат со преговорите за законот за Јавно обвинителство, премиерот Зоран Заев вчера ја повика опозицијата да ги поддржи реформите и го охрабри Јавното обвинителство да продолжи во борбата со криминалот и корупцијата, без разлика до кого ќе стигне низ истрагата за случајот „Рекет“.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, обвини дека на работните средби за законот за обвинителство се забележува чувство на одмазда и атак кон неговата партија.

Премиерот Заев побара од  сите политички субјекти да ги поддржат решенијата со кои, како што рече,  се заокружуваат реформите, за конечен пораз на „заробената држава“, за борбата против криминалот и корупцијата, за општество во кое никој нема да биде привилегиран и амнестиран.

– Огромна е одговорноста кај политичките субјекти во оваа борба за правната држава. Но, најголема одговорност има партијата што и донесе неправда на земјата и Мицкоски како прв човек на таа партија. Знам дека вие, граѓаните сте изморени од политички бојкотирање и одлагања и дека барате одлучни чекори. Затоа јас ќе продолжам уште порешително да ја повикувам и убедувам опозицијата да ги поддржи реформите – вели премиерот.

Лидерот на опозицијата Мицкоски за иднината на СЈО останува со став, дека предлогот на власта е обид за пресметка со политичките неистомисленици, но е оптимист дека предлозите на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат прифатени.

– Единствената цел во овие неколку месеци е токму непринципиелна и насилна пресметка со опозицијата, но ние како ВМРО-ДПМНЕ имаме принципиелен став, став согласно законите и Уставот во оваа држава, и не се плашиме да елаборираме и да се соочиме со фактите и аргументите од спротивната страна – рече Мицкоски.

За неговите обвинувања дека Катица Јанева го уценувала, вели не бил повикан да даде исказ во Обвинителство, но за целиот случај „Рекет“, најави дека кога ВМРО-ДПМНЕ ќе дојде на власт, сите инволвирани функционери ќе одговараат.

ВМРО-ДПМНЕ останува на барањето да учествува во изборот на наследник на специјалната јавна обвинителка, а министерката за правда Рената Дескоска смета дека опозицијата промовира неказнивост со сталинистички закон.

Меѓу клучните разлики на двете страни се прашањето за идниот статус на СЈО, на обвинителите, на вработените и на предметите.

За статусот на предметите што се водат од СЈО во моментов, Дескоска рече дека од опозицијата инсистираат да нема одредба во законот која ќе даде надлежност на новото обвинителство да ги гони предметите од прислушуваните материјали.

Опозицијата не се согласува обвинителката Катица Јанева и другите обвинители, како и сите вработени во СЈО по сила на закон да преминат во Обвинителството за борба против организиран криминал, бидејќи се сомневаат дека некои од нив можеби имаат улога во „Рекет“.

Следната средба на работните групи за законот за јавно обвинителство би требало да се одржи после 15 август.

За владиниот Предлог – закон за Јавно обвинителство претседателот на Собранието, Талат Џафери закажа седница на 27 август.

Предлог-законот, за кој е потребно двотретинско мнозинство е со европско знаменце и ќе се носи по скратена постапка. 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...