Претставници на власта и на опозицијата денеска ги продолжија разговорите за законот за Јавно обвинителство, со кој треба да се реши идниот статус на СЈО, потврдија за МИА од Владата.
Станува збор за разговори на пониско техничко ниво, а не меѓу работните групи предводени од министерката за правда Рената Дескоска и адвокатот и преговарач од ВМРО-ДПМНЕ, Тони Менкиновски.
Премиерот Зоран Заев денеска на прес-конференција изрази надеж дека ќе се најде решение, дека власта веќе прифатила повеќе предлози на опозицијата и оти го разгледува законот предложен од ВМРО-ДПМНЕ.
Заев ја отфрли можноста за условување на поддршката од опозицијата за законот со одржување предвремени парламентарни избори.
За Предлог – законот за Јавно обвинителство што го предложи Владата, претседателот на Собранието Талат Џафери закажа седница на 27 август.
Предлог-законот, за кој е потребно двотретинско мнозинство, е со европско знаменце и ќе се носи по скратена постапка.