Огромен процент од граѓаните ќе се изјаснат „За“ на претстојниот референдум, и впрочем и дури и тие што се против, се со мали минорни бројки и тоа е дел од таа кампања што постои во Македонија, предводена од „Бојкотирам“, изјави премиерот Зоран Заев по формалното отворање на кампањата на ЕУ „Замисли иднина заедно!“.
Премиерот е уверен и дека бројките ќе растат, а изрази и надеж оти опозицијата ќе биде позитивна заради тоа што, посочи, и таа е за Европската унија и за НАТО.
– Ги знам и ги разбирам нивните несогласувања со договорот со Грција, но истовремено уште еднаш уверувам дека ако оставевме на времето никој не гарантира дека ќе постигневме подобар договор, а договорот е фер и праведен – рече Заев.
Потсети дека договорот ја гарантира европската иднина на земјата, го потврдува македонскиот идентитет, македонскиот јазик, химна, знаме, грб и, како што кажа, сето она што се наши атрибути како земја, како држава, како народ, сета наша мултиетничност и различност.
– На 30 септември ќе имате уникатна можност да ја обликувате иднината на оваа земја. Пораката која ја испраќаме е дека ние цврсто ги охрабруваме сите да си донесат свое мислење за содржината на Договорот. Важно е да се извршува тоа демократско право и да се даде гласот. Тоа е можност која се добива еднаш во животот да се одлучи за ова многу важно прашање – истакна директорот на Директоратот за проширување и соседска политика на Европската комисија, Кристијан Даниелсон на прес-конференција во ЕУ Инфо центарот.
Патот кон напред за оваа земја, посочи, е јасен, води кон членство во ЕУ.
Според Даниелсон, референдумот е од суштинска важност и прашањето кое е загатнато е од суштествена важност за идната евроатлантска патека за оваа земја.
– Меѓународната заедница со добродојде го дочека резултатот од дискусиите меѓу Грција и оваа земја по тоа прашање. Тоа што е на масата сега во врска со тоа ако се усвои во целина ќе го отвори почетокот на преговорите за пристапување за оваа земја. Тоа е реалноста и другите услови кои треба да се исполнат. Важно е за граѓаните да ја искористат можноста која ја дава овој референдум за да го дадат својот глас, да бидат дел од одлучувањето за ова важно прашање – додаде Даниелсон.
Пратеничката група на ВМРО-ДМПНЕ, пак, вчера испратила известување до претседателот на Собранието Талат Џафери во кое посочува дека одлуките на Владата за пренамена на средства од буџетите на определени институции, како и дополнителните префрлања од владини институции на Собранието на Република Македонија за финансирање кампањи е своеволна и не е од интерес на граѓаните на РМ.
– Без разлика на тоа каков би бил ставот кој се рекламира, цениме дека тие средства треба да бидат наменети за реализација на проекти од кои има реален интерес – велат пратениците од опозициската партија.
Во соопштение, пак, што го испрати до медиумите ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе ги донираат средствата кои им следуваат за кампања за референдумот.
– ВМРО-ДПМНЕ средствата за кампања кои не следуваат ќе ги донира, очекуваме тоа да го направат сите политички субјекти. Наместо промоција на штетни договори кои и носат само штета на државата, да направиме нешто полезно за општеството и граѓаните, стои во соопштението од партијата.
Во понеделникот од кабинетот на Џафери информираа дека пратеничките групи на СДСМ, ДУИ, ДПА, Алијансата на Албанците, Беса, како и двајца независни пратеници или 71 пратеник, до него испратиле допис со кој го информираат дека нивните пратеници активно ќе учествуваат во јавната кампања за референдумот и дека се изјаснуваат „за“ референдумското прашање.
Лидерите на политичките партии кои даваат поддршка на референдумот на 30 септември и процесите кои се во насока на полноправно членство на Македонија во ЕУ и НАТО, пак, синоќа на иницијатива на премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев одржаа средба. Триесеттина политички субјекти се обединија во повикот до граѓаните за позитивен исход на референдумот и за евро-атлантска иднина на Македонија, преку прифаќање на неколку заеднички принципи. Политичките партии се согласија да ги повикаат граѓаните да излезат и да гласаат „за“ на престојниот референдум, што ќе се одржи на 30 септември, соопштија од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.
Според последната анкета што ја објави Меѓународниот републикански институт (ИРИ) во пресрет на референдумот на 30 септември, мнозинството македонски граѓани сакаат да се реши спорот за името со Грција и Македонија да стане членка на Европската Унија и на НАТО. Вкупно 57 проценти од анкетираните, од кои 37 отсто „целосно“, а 20 проценти „донекаде“ го поддржуваат предлогот Македонија да се зачлени во ЕУ и НАТО под новото име „Република Северна Македонија“. Истиот број (57 проценти) веруваат дека придобивките од членството го оправдуваат прифаќањето на новото име. Половина од анкетираните (49 проценти) имаат намера да гласаат за решавање на спорот за името, споредено со 22 проценти, кои ќе гласаат против предложената промена.