Власта во поход по 80 пратеници за СЈО

Потрагата по 80 гласа, следува откако во петокот пропаднаа преговорите помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ чии ставови за судбината на СЈО се разликуваат како небо и земја.

643
Photo: EPA-EFE/Georgi Licovski

Министерката за правда Рената Дескоска контактирала со пратениците од опозициската БЕСА во врска со Законот за јавно обвинителство, потврдуваат извори од Министерството, но кога ќе се одржи средбата, сѐ уште не е прецизирано.

И од БЕСА ја потврдија информацијата дека добиле покана од Правда, но и оттаму не кажуваат кога ќе биде средбата.

На прес-конференција пратеникот од БЕСА Фадил Зендели денеска соопшти дека тие бараат СЈО да добие продолжен мандат и „бомбите“ да останат докази, а не го сметаат за добро решение тимот на Катица Јанева да влезе во редовното обвинителство како специјално кое ќе гони криминал од висока корупција. Причината за тоа е што стравуваат оти СЈО ако не остане самостојно ќе се претопи и ќе стане нефункционално како што е републичкото.

Покани, како оваа до БЕСА, од власта се очекуваат и кон пратениците од Алијансата за Албанците, но и кон независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.

Потрагата по 80 гласа, следува откако во петокот пропаднаа преговорите помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ чии ставови за судбината на СЈО се разликуваат како небо и земја.

Меѓутоа, владеачкото мнозинство не е единствено кои преговара со помалите партии и пратенички групи. Попладнево избрканата осумка од ВМРО-ДПМНЕ во Собранието се сретнала со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Детали за тоа што е разговарано на таа средба официјално не се соопштуваат освен дека тема била актуелната политичка ситуација и реформските закони.

Од оваа пратеничка група официјално не го соопштуваат ни ставот за СЈО. Засега, велат пратениците од „осумката“, остануваат на првичното дека овој реформски закон треба да биде поддржан од сите партии кои го потпишаа Пржинскиот договор. Ако дојде до тоа, што е малку веројатно, тие без проблем ќе кренат два прста за законот. Како што брифираат од оваа група, тие би сакале да му дадат уште една шанса на дијалогот помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и зависно од тоа како тој ќе тече, да изградат заеднички став. Моментално, кај повеќето од нив расположението е во насока дека закон треба да се донесе, а некои веќе имаат и свои забелешки. Една од нив, како што брифираат, се однесува на начинот на финансирање на СЈО.

Кога станува збор, пак, за владините партнери, од ДПА, брифираат оти не очекуваат промена на нивната позиција за поддршка на СЈО. Во партијата сѐ уште нема изграден став, но не се очекува дека пресудата за лидерот Мендух Тачи во „Титаник 2“, според која тој доби 3 години и два месеца затвор, ќе има некакво влијание.

Од ДУИ велат дека ќе го поддржат законот, а денеска вицепремиерот Бујар Османи уште еднаш нагласи дека треба да се води паралелен процес.

– Паралелно треба да работиме на двата правца – и да се обидеме максимално да постигнеме консензус, бидејќи сепак се работи за област што бара консензус во едно општество – рече Османи.

Photo: EPA-EFE/Georgi Licovski

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...