Ѓаволот е во деталите, кога ќе треба да го регулирате тоа што отворено е кажано во јавност, кога ќе треба да го формулирате правно ги гледате замките. Дали постојат замки или не во одредени ставови.
Ова го одговори министерката за правда Рената Дескоска, во однос на тоа што бара опозицијата сега ако веќе јавно се согласија дека секој обвинител треба да одлучи кои докази ќе ги користи, а кои не, во однос на прашањето што да се случи со предметите на СЈО отворени по истекот на рокот од 18 месеци.
Дескоска утрово имаше нова средба со главниот преговарач на ВМРО-ДПМНЕ, адвокатот Тони Менкиноски, но не постигнаа напредок.
– Немавме никакво поместување во делот на разговорите. Разговаравме за членот 105 кој е клучната пречка во донесувањето на Законот, а тоа е околу продолжувањето на постапките и користењето на доказите кои се собрани досега. Се договоривме ВМРО-ДПМНЕ да направат одредени дополнитени консултации и се договоривме наредбата средба да биде во петок, да видиме по тие консултации каде ќе можеме да најдеме заеднички став – изјави министерката.
Таа повтори дека нивните црвени линии во донесувањето на Законот се всушност во тој член со оглед на тоа што станува збор за член кој треба да овозможи продолжување на гонењето за сторени кривични дела и оти она што не може да биде прифатено во ниеден случај за Министерството за правда е внесување на одредби кои ќе значат скриена амнестија за одредени дела.
– Очекувам да дојде до преиспитување на одредени ставови кај ВМРО-ДПМНЕ имајќи предвид дека ако сите начелно зборуваме за правда, правичност и владеење на правото, всушност тука ќе се види на овој закон дали заложбите се искрени или не – вели Дескоска.
Иако денеска немало напредок, сепак, на денешната и на претходните средби се разговара поопуштено и отворено бидејќи на нив се само Дескоска и Менкиноски, а не и претставници на партиите кои се опфатени во истрагите на СЈО за кои всушност и најмногу се противи опозицијата.
– На неколку состаноци кои се одржани во изминатиот период средбите се одвиваат меѓу мене и нивниот главен преговарач. Веќе не се состанува целата група и од тој аспект мислам дека можеме да работиме и малку поефикасно без оглед што нема резултати, но можеме да разговараме и поотворено за одредени прашања кои се содржани во Законот – посочи министерката.
За потсетување, на првите состаноци во тимот за преговори на ВМРО-ДПМНЕ, беше пратеникот и поранешен министер за надворешни работи, Антонио Милошоски, кој е осомничен од СЈО.
Кога ќе се реши, се чини, единственото тешко прашање за истрагите и доказите, се очекува набргу да се договори и статусот на СЈО, а тој е тоа да биде посебна институција.
– Мислам дека за статусот веќе се кристализира дека СЈО ќе биде посебен орган, но тоа прашање не сме го затвориле целосно со оглед на тоа што клучните прашања не ни поминале сѐ уште во фаза на постигнување договор. Мислам дека кога ќе се затвори членот 105, за другото би било полесно – смета Дескоска.