По повод Воскресение Христово – Велигден денеска во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ се одржа воскресна литургија со која богослужеше Архиепископот охридски и македонски г.г Стефан.
Владина делегација предводена од вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, министрите за здравство и за земјоделство Филипче и Љупчо Николовски, како и градоначаланикот на градот Скопје Петре Шилегов присуствуваа на литургијата, но не дадоа изјави за медиумите.
На литургијата присуствуваше шефот на државата Ѓорге Иванов, кој до верниците упати честитки со желби за многу здравје, радост и среќа.
– Посакувам во животот да ги следи многу добрина, убавина и правдина. Празниците се за славење, но и за потсетување за сето она што го поминале нашите предци, за нивното опстојување, за вредностите што ни ги пренеле нам и што ние треба да ги сочуваме за нашите потомци. Овој Велигден не потсетува и на 1000 години од основањето на Охридската архиепископија. Посакуваме нашата црква да биде дел од православната екумена и посакувам како сме сплотени и единствени за време на празниците така да бидеме во текот на годината, да си помагаме меѓусебе и да сме солидарни и тогаш ќе бидеме успешни. Посакувам многу повеќе да си ја сакаме и да си ја почитуваме Република Македонија – рече Иванов.