Во очекување сме на одговор од вселенската Патријаршија и од Вселенскиот Патријарх на писмото што го испрати МПЦ и тоа ќе биде, најверојатно, кога ќе се создадат можностите приликите за да започнат официјални преговори. Официјалното признавање на МПЦ е само преку Цариградската патријаршија, изјави владиката Петар денеска во Прилеп, кој чиноначалствуваше со богослужбата во прилепската црквата „Свето Благовештение“.
– Досега имаше неофицијални, но очекуваме известување за да започнат официјалните разговори. Признавањетона автокефалноста на МПЦ е преку Цариград. А признавањето од една, две или три Цркви е една работа. Се додека Цариградската патријаршија, или цариградскиот Патријарх не потпише томус за признавање на автокефалност, не би можело да биде прифатено признавањето афтокефалност на која било црква – објаснува владиката Петар.
Политичките доближувања со соседните држави може да придонесат за признавањето на МПЦ. Што се однесува до заедничкото патување во Ерусалим помеѓу архиереите на МПЦ и на БПЦ, тоа е формалност, зашто секој архиереј ќе го прими благодатниот оган за својата Црква.
– Ние повеќе години го примаме благодатниот оган од Ерусалим, но годинава нашиот блажен Архиепископ одлучи да испрати наш архиереј во Ерусалим. Се разбира дека ќе има и архиереј на Бугарската православна црква и заедно ќе бидат во Ерусалим и секој архиереј ќе си го донесе за својата црква благодатниот оган. Разликата е што овој пат архиереите на двете цркви, на МПЦ и на БПЦ ќе патуваат заедно, со авион, најверојатно на владата на Бугарија – рече владиката Петар.