Владиката Тимотеј за Халовин: Што бараме ние со вештерки?

848

„Заштитете ги сопствените деца од сатанизмот кој тропа на нашите врати. Наводните забави се славење на сатаната, ништо друго. На православниот христијанин не му доликува и не смее да ги даде своите чеда во рацете на смрдливиот створ. Кажете стоп за сатанизмот наречен Халовин“, е написот кој го загреа интернетот деновиве.

Ова стои на Фејсбук страница со име Православна Македонија, проследено со неколку фотографии од кукли испрскани со крв и ножеви.

Халовин или Ноќта на вештерките е американска традиција која навлезе и на Балканот. Во Америка, најмладите се облекуваат во костими на вештерки, суперхерои или идоли, па одат од врата на врата за да соберат чоколада и лижавчиња. Таму ова е голем настан, препознатливи се црната и портокаловата боја, а особено е популарен фенерот од тиква.

Во Македонија се организираат забави по повод овој празник, а се чини дека некои го поврзуваат со маскенбалот за први април. Сѐ треба да е игра и шега.

Граѓаните во Македонија се поделени во врска со одбележувањето на овој странски празник. Некои велат дека ако си верник, не треба да го одобруваш овој празник ниту маскирањето на поединци. Други пак, сметаат дека е само забава и нема ништо погрешно во тоа, па велат дека „загрижените за ова, треба да се позанимаваат со други посериозни проблеми во нашата држава”.

Плусинфо го контактираше владиката Тимотеј, митрополит на Дебарско-кичевската епархија, дали е во ред доколку христијанин сака да отиде маскиран на забава за Ноќта на вештерките со своите пријатели во некое кафуле.

– Не сум запознаен со тоа, не би можел да кажам. Меѓутоа, во никој случај црквата ниту го одобрува, ниту може да го одобри сатанизмот. Какви забави прават, не сум стручњак и не би можел да кажам. Што бараме ние со вештерки? Христијани со вештерки? Тоа е надвор од здрав памет – ни посочи тој.

Исто така, тој додаде „со вештерки немаме работа и го осудуваме тоа. И не препорачуваме на никого“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...