Во Кривичниот суд во Скопје денеска сведочат четворица сведоци на обвинетиот за 27 април, Богдан Илиевски Бетмен. Тој имаше повикано петмина, но Сотир Костов поради здравствени причини не дојде.
Прв кој сведочи е владиката Пимен. Тој кажа дека со Бетмен се знае неколку години, покрај тоа што се пријатели тој му е и духовно чедо па го знае многу добро. Се запознале преку социјалните мрежи, а потоа нивното пријателство продолжило и во реалноста.
– Во текот на сите наши години познанства некогаш сме биле на различни, некогаш на иста страна со размислувањата, но тоа не влијаело врз нашето пријателството туку напротив го продлабочувало – рече владиката Пимен.
Тој наведуваше и пример кога биле со спротиставени ставови со Бетмен, ја наведе Шарената револуција за која тој кажа дека ги поддржувал ставовите и затоа ја добил етикетата „шарениот владика”.
– Тогаш со Богдан имавме различни ставови, но немаше лутење затоа што тој веруваше во мене односно дека мојата поддршка таму произлегува од мојата силна увереност дека тоа е едно позитивно движење. Богдан не ми се лутеше – зборуваше владиката.
За протестите за Заедничка Македонија, пак, Бетмен бил тој што е на страна на протестите.
– Можеби бев изненаден што Богдан го видов меѓу оние луѓе што секојдневно се појавуваат таму и покрај тоа што ја знаев неговата искрена убеденост. Во текот на тие 60-тина дена додека траеше тоа, секое мое враќање во Македонија често знаевме да се видиме, после протестите да седнеме на вечера и да дебатираме околу нивните ставови или моите – рече владиката наведувајќи дека Бетмен немал намера учеството во протестите да го валоризира за добивање на материјална корист или напредување во кариерата.
– Особено интересно беше размислувањето околу крајот на протестите. Мое размислување и на неколку наши заеднички пријатели беше тоа дека нема да трае бесконечно, дека со текот на времето ќе се намалува заинтересираноста на луѓето и што после тоа. Убедувањата на Богдан беа дека ќе се трудат со креативноста на протестите да ја задржат заинтересираноста и дека нивно крајот размислување е дека нема да се премислат додека не дојде можност да се преговара за избори. Никако не стануваше збор за некакво насилство – сведочеше владиката.
Тој кажа и дека се виделе ден по крвавиот четврток, на 28 април, и Бетмен бил видно разочаран.
– Се видовме на 28-ми, следниот ден, негов став беше дека ќе продолжат со протестите за да го вратат угледот на тоа движење за да се види дека не им беше намерата да се стигне до тој момент во Собранието, а потоа да се разбудат и секој да си тера на своја страна. Разочараноста од тоа што работата се отргнала од контрола беше видлива кај него, посебно по тоа настојување да продолжат за да ја врат сликата на едно ненасилно движење – раскажа владиката.
Од обвинетите прашања му поставија Игор Југ, Јане Ченто и Александар Василевски Нинџа. Само Нинџа имаше прашање кое се однесува за Бетмен.
– Како ваше духовно чедо дали разговаравте зошто беше неговото завртување од 360 степени на политиките од 2009 до 2015 година како лево ориентиран и како слободен колумнист кој во 2016 почнува да ги поддржува политики на десно ориентираноста партија ВМРО-ДПМНЕ? – праша Нинџа.
Владиката рече може да му одговори, но нема затоа што како свештенство сите оние исповеди што произлегуваат не може да ги сподели, тоа е меѓу духовното чедо и Бога.