Владиката Агатангел со света литургија против промена на името на Македонија

На самиот почеток на обраќањето тој на присутните им кажа дека ова е можеби еден од последните пати кога верниците се собираат под името Македонска православна црква.

669

Во црквата Св. Кирил и Методиј, владиката Агатангел одржува света литургија против промена на името на нашата држава.

Тој потсетува на светоста на името на овој, како што вели, библиски народ кој живее во света земја.

На самиот почеток на обраќањето тој на присутните им кажа дека ова е можеби еден од последните пати кога верниците се собираат под името Македонска православна црква.

Според граѓаните на Велес кои поминуваат покрај црквата, забележано е присуство и на Тодор Петров и Јохан Тарчуловски, како и претставници на повеќе патриотски здруженија, со јавно истакнати обележја на здруженијата. Некои граѓани се дојдени со знамето со сонцето од Кутлеш. Градот е под силно полициско обезбедување во централното градско подрачје.

Литургијата се одвива со озвучување, во центарот на Велес, подрачје кое е густо населено и најраздвижено.

Во текот на беседата, владиката Агатангел потсети и на Букурешкиот договор од 1913 година и неговата 100-годишна важност. Тој ја нагласува штетноста на договорите со Бугарија и Грција. Исто така, се навраќа и на античката историја и записите за Александар Македонски, кои со овој Договор од Преспа, како што вели владиката, се „пу пу не важи“.

Владиката изрази жалење за оние кои не се дојдени на литургијата, бидејќи „им се закануваат со бркање од работа“ и тој сочувствува со нивните деца.

– Мора да има жртва. Мора да се жртвуваме и да останеме без работа. Мора да издржиме. Сите овие искушенија… И затоа ве повикав да се поклониме – им се обрати Агатангел на присутните.

– Се надевам дека во недела на 30-ти, вие и вашите роднини и нашите непријатели, нема да излезат да гласаат – кажа владиката Агатангел, поистоветувајќи го излегувањето на референдумот со срам за сегашните и идните генерации на оние кои ќе гласаат.

– Седете си дома, ако го видите комшијата како излегува, знаете каде оди – рече владиката.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...