Состојбата со демократијата и владеењето на правото во нашава држава несомнено претставува најголем предизвик, а повеќе од очигледно е дека патот кон соочување со предизвикот е мошне трнлив, но и ранлив и за бизнис-секторот, и за граѓаните и за општеството во целина. Во вакви услови, логично е да се постави прашањето дали предмет на интерес на бизнис-заедницата во овој момент треба да бидат „чисто-економските“ прашања? Колку и да звучи како флоскула, одговорот би бил дека е потребно најитно да се посветиме на вложување заеднички напори за доследно спроведување на владеењето на правото. како темелен принцип на секоја современа демократска држава, a дури потоа откако владеењето на правото и правната држава ќе бидат поставени на здрави основи, ќе може да се разговара за иницијативите на бизнис-заедницата за поттикнување на економскиот раст, за подобрување на конкурентноста, за справување со проблемот на недостиг на стручен и квалификуван кадар, за поттикнување на претприемништвото и воопшто за подобрување на бизнис-климата во државата.
Во ноември 2015 година, Европската комисија утврди Среднорочна стратегија за политиката на проширување на Европската унија, која и понатаму е валидна. Согласно политиката за проширување, но и согласно напредокот на државава, како земја-кандидат за членство, врз основа на критериумите за пристапување и степенот на реализација на потребните економски и политички реформи, зависи и натамошниот пат на Република Македонија до станувањето полноправен член на Европската унија. Процесот на проширување продолжува да се гради врз основа на утврдени критериуми и фер и строги услови. Во февруари 2018 година, во своето соопштение „Кредибилна перспектива за проширување и зајакнат ангажман на ЕУ со Западен Балкан“[1] , Европската комисија повторно ја потврди цврстата перспектива заснована на заслуги за членство во Европската унија за Западен Балкан. Европската комисија оценува дека и покрај зголемениот фокус на реформите во владеењето на правото, напредокот и понатаму е нерамномерен во земјите од проширувањето, но исто така се оценува и дека позитивно влијание врз владеењето на правото во Република Македонија има и силната посветеност во спроведувањето на „Итните реформски приоритети“.
Нема алтернатива освен да се продолжи борбата за реформи. Затоа, бесмислено е да се верува дека секојдневно Европа ни измислува нови и нови критериуми и го одолговлекува добивањето на датумот за преговори. Треба да се свртиме кон себе и врз основа на критичка оценка на актуелните состојби во земјава, да почнеме да дејствуваме сериозно, затоа што секоја земја се оценува врз основа на сопствените заслуги. Оцената за постигнатиот напредок и идентификувањето на недостатоците имаат за цел да обезбедат поттик и насоки со цел земјите да ги извршуваат неопходните далекусежни реформи.
Со цел перспективата на проширување да стане реалност, и понатаму е суштинска цврстата посветеност на исполнувањето на политичките критериуми и владеење на правото, што подразбира и спроведување реформи во поглавјата 23 – Правосудство и основни права и 24 – Слобода, правда и безбедност. Токму затоа, прашањата поврзани со владеењето на правото и правната држава се нешто што е нераскинливо поврзано со нашата европска перспектива. Тоа подразбира спроведување реформи во правосудниот систем, борба против корупцијата, „сивата“ економија, организираниот криминал, ефикасно спроведување на законите и нивна еднаква примена, слобода на медиумите, почитување на човековите права, ефикасно функционирање на институциите на системот, а особено правосудниот систем (судовите, обвинителството, Судскиот совет)… Со оглед на комплексната природа на неопходните реформи, тоа е долгорочен процес. Стратешката ориентација и прифаќањето на клучните европски вредности, како што е владеењето на правото, е од суштинско значење за натамошниот напредок на земјава.
Нефункционирањето на правниот систем во државата е предуслов за корупција и го поткопува напредокот кон европскиот развој. Еве и преку пример во еден сегмент: во овогодишниот Извештај на Европската комисија за напредокот на земјава се констатира дека во делот на јавните набавки, концесиите и јавно-приватните партнерства, земјата е умерено подготвена, поради фактот што е особено подложна на корупција.
Токму затоа, она што треба да го направиме како држава за да имаме успешна приказна во делот на владеењето на правото произлегува само по себе, односно потребни се реформи во функционирањето на правниот систем во целина и цврста подготвеност на државата да одговори на сите предизвици, не само за да го усогласи своето делување во согласност со барањата на Европската унија. За тоа се потребни реформи не само во правната рамка, туку и во операционализацијата на таквата правна рамка, без какви било импровизации.
Ова не е ни малку лесна задача, имајќи предвид дека и самата Европска унија укажува дека е потребно во сопствените редови да работи на зајакнување на владеењето на правото со цел ЕУ да може кредибилно да го одбрани мултилатералниот систем базиран на правила и меѓународни институции за човекови прав,а како и да им овозможи мир и еднакви права на европските граѓани. Темелите на Европската унија – мир, безбедност, стабилност, демократија и просперитет мора да се заштитат единствено преку заедничко дејствување и одбрана на заедничките европски вредности. Европската унија се соочува со покомплексно и понепредвидливо глобално опкружување, голема конкуренција на моќ и предизвици за системот на меѓународните правила и принципи.
Слично, но можеби и многу покомплексно е прашањето за владеењето на правото на домашен терен. Но, ако ја свртиме работата наопаку, можеби ќе ни биде појасно на сите што треба да се направи. Поконкретно, на сите ни е јасно што значи владеење на правото. Но, изгледа она спротивното – што е тоа што не чини, што е тоа што го руши принципот на владеење на правото – е нешто што релевантните општествени чинители или не сакаат да го знаат или пак не сакаат да го признаат. Во оваа насока, ќе поставам неколку прашања, на кои одговорот веројатно сам по себе ќе произлезе.
Имаме ли ние јасна и доследна поделба на власта на законодавна, извршна и судска? Постои ли доверба во институциите на системот? Можеме ли да зборуваме за правна сигурност? Имаме ли ефикасен судски систем? И воопшто, имаме ли ефикасни институции? Дали законите се применуваат подеднакво за сите? … Има уште многу прашања, но одговорот е само еден – нема да имаме напредок на ниту едно поле без демократски и стабилни институции и без владеење на правото , како ургентни потреби на нашето општество.
Оттука, исто така е јасно дека ефикасното функционирање на системот на заштита на правата има големи импликации врз работењето на деловните субјекти. Решавањето на ова значајно прашање ќе значи и подобрување на ликвидноста на компаниите, а со тоа и поттикнување на економскиот раст – она што е во основата на нашето постоење и залагање. А дали ќе биде на посакуваниот износ, односно барем на нивото на просекот од земјите на Западен Балкан ќе зависи и од сите параметри кои се неопходни за градење на стратегијата за економски раст.
Потребно ни е подобрување на комуникацијата меѓу бизнисот и судството, не во насока на какво било влијание врз слободната оцена на доказите или врз слободното судиско уверување и одлучување во трговските спорови каде што странки се компаниите, туку во насока на подигнување на свеста кај сите учесници, па и кај судиите, обвинителите, нотарите и извршителите – дека е добро судските постапки да траат пократко; дека е добро донесените пресуди да се спроведуваат без какви било правни пречки; дека е добро да има што помалку дискрециони овластувања; дека е добро да имаме јасни и прецизни правила на постапките (судски, извршни, постапки пред нотар); дека е добро да ја знаеме судската пракса и ако имаме интерес за тоа, да ја најдеме средена и систематизирана на едно место; да имаме што помалку правни празнини, а што повеќе да го практикуваме она што често милуваме да го кажеме – владеење на правото и правна држава!