Владеењето на правото не е само за судиите и адвокатите

Едно такво решение, во моментов веројатно и најдобро, е организацијата наречена „Проект правдата во светот“. Таа се дефинира себеси како независна, мултидисциплинарна непрофитна организација што работи на унапредувањето на владеењето на правото ширум светот.

1149

Во тековните околности во земјава, во кои случувањата во правосудниот систем, специјални и основни обвинителства, судови итн., доминираат во општествените текови во земјава, природно доаѓа потребата човек да се запраша: како да се оцени дали во една земја има и колкаво е владеењето на правото? Можеме ли за таа работа да споредиме различни земји?

Ова не се лесни прашања затоа што владеењето на правото не е нешто што може лесно да се измери. За таа работа обично секој си има некоја своја перцепција, која најчесто е субјективна затоа што е изградена врз основа на сопствено искуство. Во овој контекст, добредојдено е решение кое би се темелело на сериозна методологија и би било добра алатка за да се одговори на прашањата од почетокот на текстот.

Едно такво решение, во моментов веројатно и најдобро, е организацијата наречена „Проект правдата во светот“. Таа се дефинира себеси како независна, мултидисциплинарна непрофитна организација што работи на унапредувањето на владеењето на правото ширум светот. Статусот на непрофитна организација го стекнува во 2009 година, а има канцеларии на четири локации во светот. Организацијата се финансира со донации од разни извори, како што се Фондацијата „Бил и Мелинда Гејтс“, „Мајкрософт“, градот Хаг, Министерството за правда на Сингапур, итн.

Организацијата има пристап со кој сите се согласуваме, а тоа е дека владеењето на правото ги штити граѓаните од неправди, им создава можности и го чува мирот. Таа се води од тоа дека владеењето на правото е феномен што има максимално широк опфат на влијание во општеството и ги опфаќа сите граѓани, секој поединец има свој влог и е заинтересирана страна. Следствено, според оваа организација, владеењето на правото не е само за судиите и адвокатите.

Според оваа организација владеењето на правото се потпира на четири универзални принципи. Првиот принцип е принципот на одговорност, а тоа е дека сите се одговорни пред законот. Вториот принцип е принципот на правичност на законите, тоа значи дека тие се јасни, јавно објавени и подеднакво применети. Третиот принцип е принципот на отворена влада, а тоа значи дека законите се иницираат, администрираат и применуваат на пристапен, фер и ефикасен начин. Четвртиот принцип е принципот на непристрасност во разрешувањето на споровите, според кој правдата се испорачува навремено, од лица кои се компетентни, независни и етички.

Она што е посебен придонес на организацијата „Проект правдата во светот“ е Индексот за владеење на правото кој ги рангира земјите во светот. Изработката на Индексот е резултат на пристап во кој се анкетираат повеќе од 126 илјади семејства и 3.800 експерти, претставници на академската заедница и практичари, од 126 земји и јурисдикции во светот. Користен е систематизиран пристап, сериозна и темелна методологија, која вклучува статистичка анализа и тестови за идентификување на грешки и пристрасност. Освен што овозможува споредба на степенот на владеење на правото на глобално ниво, уште поважно е тоа дека Индексот служи и како аналитичка алатка, ги потенцира силните и слабите страни кај владеењето на правото на секоја од земјите вклучени во Индексот.

Индексот е изграден врз основа на 8 т.н. фактори и 44 елементи во рамки на тие фактори. Факторите се: ограничувања на моќта на владата, отсуство на корупција, отвореност на владата, фундаментални права, ред и безбедност, примена на регулативата, правда во граѓанските спорови, правда во предметите за криминал.

Рангирањето на 126 земји од светот според најновиот Индекс на владеење на правото 2019 ги става на врвот следните земји: Данска, Норвешка, Шведска, Финска (зарем некој се сомневаше?!), потоа доаѓаат Холандија, Германија, Австрија, Нов Зеланд, Канада (и оваа група е сосема очекувана) и десетта е Естонија (ова е изненадување). Потоа следат земји како што се Австралија, Обединетото Кралство, Сингапур итн. Претпоставувам ќе се согласиме, сето ова е очекувано.

Каде е тука нашава земја? За тоа подетално следната недела.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...