Парламентарните партии на Албанците молчат или тактизираат дали ќе гласаат Наќе Чулев, предложен од ВМРО-ДПМНЕ, да биде новиот министер за внатрешни работи во техничката влада, која се очекува денеска да биде изгласана во Собранието. Дилемата дали Чулев ќе ја добие поддршката и од пратениците Албанци се наметна откако излезе информацијата дека тој бил директор на Агенцијата за разузнавање во време на случувањата во „Диво насеље“.
Од комуникацијата на Плусинфо со парламентарните партии на Албанците само од Беса ни изјавија дека нема да гласаат Чулев да биде новиот министер за внатрешни работи, а од Алијансата за Албанците велат дека чекаат прво да го добијат предлогот, иако најверојатно Чулев ќе нема поддршка ни од партијата на Зијадин Села.
– Нема да гласаме за Чулев бидејќи има многу недоречености за случајот „Диво насеље“. Ќе гласаме за техничката влада, бидејќи сме за изборите да се одржат на 12 април, но не и Чулев да биде новиот министер за внатрешни работи – ни изјави пратеникот на Беса, Фадил Зендели.
И додека опозициските Беса и Алијанса најверојатно нема да гласаат за Чулев, владеачките ДУИ, Алтернатива и ДПА не одговорија како ќе се позиционираат на гласањето за првиот полицаец.
Претходно, лидерот на ДУИ Али Ахмети експресно го поддржа предлогот полковникот Драган Ковачки да биде министер за внатрешни, но тој отпадна бидејќи беше неприфатлив за СДСМ зашто е активно воено лице, што пак, се коси со Уставот. Сега Ахмети молчи дали неговата ДУИ ќе го поддржи Чулев.
СДСМ денеска излезе со реакција дека „јавноста треба да знае дека кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за министер за внатрешни работи во преодната Влада, Наќе Чулев, беше директор на Агенцијата за разузнавање во време кога се случија настаните во Диво Насеље“.
„Оваа хипотека ќе има негативни импликации во јавноста но и кај вработените во МВР. СДСМ изразува жалење што во ВМРО-ДПМНЕ ништо не се сменило. Мицкоски, и преку овој избор за негова номинација, се обидува да ја враќа земјата назад во деновите на сериозни внатрешни конфронтации. Тоа нема да дозволиме да се случи, граѓаните можат да бидат спокојни. Ова покажува дека во ВМРО-ДПМНЕ ништо не се променило, тоа е истата партија на Никола Груевски, истата началничка и режимска политика, а тоа граѓаните ќе го казнат на 12 април“, се наведува во денешно соопштение на СДСМ.
И без пратениците Албанци, Чулев има гласови да биде избран за министер за внатрешни работи бидејќи за избор на министер се потребни 61 глас, кои ги има од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и од СДСМ и коалицијата.
Случајот „Диво насеље“ беше спорен за партиите на Албанците. Лидерот на ДУИ Ахмети и другите претседатели на партиите на Албанците бараа меѓународна истрага за овој случај.
Фото: EPA/GEORGI LICOVSKI