Влада Урошевиќ ќе ја прочита поетската порака на Струшките вечери

201

Струшките вечери на поезијата (СВП) ја објави програмата на претстојното издание на фестивалот коешто ќе се одржи од 21 до 26 август.

Една од новините е поетската порака да биде прочитана од истакнат македонски поет/поетеса. Оваа година, автор на поетската порака е истакнатиот македонски поет Влада Урошевиќ, на кој по повод осумдесет и петгодишниот јубилеј во рамките на Програмата му е посветен посебен термин за поетски портрет.

– Дел од содржините, а особено главните фестивалски читања ќе вклучуваат употреба на повеќе јазици. Освен досегашните македонски и англиски, ќе користиме и албански и француски јазик – вели Тодорче Тасевски, директор на СВП.

Во рамки на Програмата се предвидени повеќе поетски читања на различни локации на кои ќе се претстават 32 странски и 30 домашни поети од различни генерации.

– За да се зголеми видливоста и отвореноста на фестивалот, освен директниот пренос на главните фестивалски читања што ќе го врши националната телевизија, ќе биде обезбеден и live streaming на официјален Youtube канал со што ќе се овозможи следење на содржините на фестивалот ширум светот, но и ќе се поттикне интересот на публиката за директна посета на фестивалските настани – вели тој.

Ќе биде обезбеден организиран превоз по симболична цена за љубителите на поезијата коишто поради своите работни обврски не се во можност да присуствуваат на повеќе фестивалски денови. За главните фестивалски настани ќе биде обезбеден превоз од Скопје преку два правци: Скопје-Кичево-Струга и Скопје-Велес-Битола-Струга којшто по завршувањето на настанот ќе овозможи враќање истата вечер.

– Струшките вечери на поезијата го претстави и промотивното видео на фестивалот, коешто е инспирирано од јагулата како мотив, но и од симболиката на копнежот по утоката и нејзиното циклично враќање, поврзана со копнежот на Константин Миладинов изразен во најпознатата песна „Т`га за југ“.  Видеото е во продукција на Зоотроп Студио, по сценарио на Јаков Попоски и креативните решенија на Огнен Танчески, којшто воедно е автор и на графичкиот дизајн и сценографиите на овогодишното издание на Струшките вечери на поезијата. Музичката подлога на видеото е фрагмент од познатото дело на Сергеј Рахманинов, Прелудиум опус 23 број 5 во G мол. Ова дело, во изведба на истакнатиот македонски пијанист Дино Имери, ќе биде составен дел од пригодната музичка програма во рамки на Портретот на лауретот што ќе се одржи на 24.08.2019 во катедралниот храм Св. Софија во Охрид – рече Тасевски.

 

 

 

 

 

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...