Влада: Немаше закани ниту политички прогон против Груевски

367

Никола Груевски е осуден со правосилна пресуда во јавен и транспарентен процес, а истовремено против него се водат уште неколку судски постапки, истраги и уште една предистражна постапка, велат од Владата откако експремиерот Никола Груевски  објави дека добил азил во Унгарија.

Од прес-службата на Владата додаваат дека официјално покрај протестната нота доставена вчера за улогата на амбасадите на Унгарија во неговото бегство од земјата и испрати и барање за екстрадиција проследено со севкупната документација за процесите и пресудата.

„Осудениот Никола Груевски беше под полициска заштита согласно со правата кои му следуваа како поранешен премиер и тој во ниту една ситуација нема пријавено закани по неговиот живот. Против Никола Груевски никогаш не бил воден никаков политички прогон и не се евидентирани никакви закани по неговиот живот, ниту пак која било владина институција вршела закани по неговиот живот. Оттука констатираме дека единствена цел на Груевски е избегнување на правдата“, вели Владата.

Понатаму во соопштението се вели дека Владата на Република Македонија очекува дека властите во Будимпешта безусловно ќе го прифатат барањето за екстрадиција и во согласност со почитувањето на меѓународното право како земја членка на ЕУ и НАТО ќе овозможат враќање на Груевски во Македонија со цел да си ја отслужи казната затвор и да одговара за останатите дела за коишто е обвинет.

Република Македонија е правна држава во којашто владеат законите. Секој оној за којшто се докажало дека ги прекршил законите и секој оној за којшто има правосилна пресуда, ќе одговара за своите постапки“, стои во соопштението.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...