Донесувањето на Законот за употреба на јазиците и Законот за ратификација на Договорот со Грција е во целосна надлежност на Собранието, наведуваат од Владата.
Оттаму истакнуваат дека ја поддржуваат одлуката двата закони да се објават во Службен весник со потпис на Талат Џафери ако се има предвид, наведуваат, дека Ѓорѓе Иванов го прекрши Уставот.
– Иванов беше должен да го потпише указот за прогласување на двата закони, а кога тој одлучува да го крши Уставот, неопходно е да се преземат мерки кои се во согласност со Уставот за да продолжи да функционира парламентарната демократија – велат од Владата.
Од Илинденска бр.2, потсетуваат на членот 75, став 3 од Уставот каде пишува дека претседателот на државата е должен да го потпише указот за прогласување на законите што ги носи Собранието, доколку тие по втор пат се донесат со потребното мнозинство во законодавниот дом.
– И двата закона, Законот за употребата на јазиците во Република Македонија и Законот за ратификација на Договорот од Преспа, се усвоени по втор пат со потребното мнозинство во Собранието. Законот за употреба на јазиците во март минатата година, а Законот за ратификација на Договорот од Преспа на 5 јули, исто така минатата година. Согласно уставните одредби, а поради неизвршување на обврските на претседателот на државата, на претседателот на Собранието единствено што му преостана е да ја исполни должноста што произлегува од Членот 52 од Уставот, согласно кој законите што по втор пат се донесени со потребното мнозинство во законодавниот дом треба да бидат објавени во Службен весник на РМ, 7 дена по нивото донесување – велат од Влата.
Оттаму сметаат дека со оваа постапка Џафери ја запрел тенденцијата една церемонијална постапка на Иванов да се претвори во преседан кој се закануваше да го блокира функционирањето на системот.