Влада до ИВЗ: Не нѐ уценувајте, решете си ги проблемите во суд!

782

Владата му одговори јавно на раководството на Исламската верска заедница (ИВЗ) и на реисул Улема х. Сулејман еф. Реџепи, по добиеното писмо од ИВЗ, за кое велат дека содржи вид на уцени, закани и ултиматуми за предмети за кои се водат постапки пред надлежните институции.

„Во однос на примениот допис бр. 03-154 од Ваша страна, истакнуваме дека истиот претставува неприфатлив облик на обраќање кон државните институции, кој е вид на уцена и закана, поради што сериозно размислуваме за истото да го известиме надлежното јавно обвинителство.

Во дописот споменувате неколку предмети, за кои се води постапка пред надлежните институции, која е независна од волјата на извршната власт, а втемелена и зависна од строгото почитување на позитивното право во државата.

Според Уставот, како највисок правен акт, Република Северна Македонија е секуларна држава, а оваа извршна власт никогаш нема да презема чекори со кои би ги манипулирала верските чувства или би се мешала во односите внатре во верските заедници или помеѓу нив. Во таа насока ги отфрламе сите обвинувања дека било која верска заедница е фаворизирана во државата, а таквото обвинување го сметаме за претенденциозно и паушално.

Доколку кај Вас почитуван, постои сомнеж или индиција дека некоја институција ги прекршила позитивно правните прописи Ве охрабруваме како Реисул на ИВЗ да покренете соодветна постапка пред надлежните органи со соодветно правно барање.

Особено важно е да нагласиме дека во мултиконфесионално општество верските граѓански права и слободи се остваруваат преку постојан процес на градење на меѓусебна доверба помеѓу различните конфесии, а не преку ултиматуми, кои како правило на игра доколку го прифатат сите регистрирани верски заедници, сериозно негативно би се одразило врз општествената кохезија“, се наведува во одговорот од Владата до ИВЗ.

ИВЗ во допис бара итно да се преземат мерки за враќање на вакувскиот имот во постапка за денационализација. ИВЗ, исто така, се жали дека има проблеми со власта и дека поради тоа стојат нерешени прашањата со верските објекти во селото Лажец, Битола, Хусамедин пашината џамија во Штип и со Али-пашината џамија во Охрид.

„Пред почетокот на претседателската кампања ќе бидеме принудени да ги информираме сите верници во 700 џамии во земјава за сета дискриминација што се врши кон ИВЗ и кон нејзините членови со сите последици врз општествените односи во земјава“, се наведува во дописот од ИВЗ до Владата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...