Владата излезе со реакција по изјавата на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, кој кажа дека биле спречени да положат цвеќе во Македониумот на гробот на Никола Карев и оти првпат бил прекршен протоколот, опозицијата да не седи во прв ред на церемонијата.
Реакцијата од Владата ја пренесуваме во целост:
Владата испрати уредни покани до целата јавност и до сите политички партии за настаните за Илинден во Крушево, а ВМРО-ДПМНЕ беа уредно известени за сите организациски детали, при што од нивна страна стигна потврда за учество.
На 31 јули 2019 во 21.36 сите делегации имаат добиено мејл со сите логистички информации поврзани со положувањето цвеќе на сите три локации (Македониум, Слива, Мечкин Камен) со понуда за организиран превоз. На 1 август во телефонски разговор најавија дека ќе потврдат учество, после што испратија информација за делегација со нагласување дека нема да користат организиран превоз и кои се возилата со кои ќе пристигнат. За жал не се појавија да оддадат почит на гробот на Никола Карев на Македониумот.
Распоредот на седење на Мечкин Камен е по стандарди на протокол, при што во трет и четврт ред се сместени сите политички партии, вклучително и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
Делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ стана од сред настап од Тешкото на Танец за да држи прес конференција на која изнесе дезинформации, со што покажа непочит кон Илинденската традиција (на Мечкин Камен традиционално се игра Тешкото) и кон Н.А. Танец.
ВМРО-ДПМНЕ изнесе лаги во неуспешен обид да го оцрни Илинден кој постои за да обединува, а не за да дели.