Владата ќе се потпре на Арбитражен суд во споровите со компаниите

Меѓународната арбитражна конференција „Преку унапредување на арбитражното законодавство до подобро деловно опкружување“ се одржува денеска и утре во Стопанската комора.

99

Владата размислува да ја стави арбитражата како клаузула за решавање на споровите во договорите од јавно-приватно партнерсвто, изјави денеска вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, пред почеток на меѓународната арбитражна конференција „Преку унапредување на арбитражното законодавство до подобро деловно опкружување“.

– Владата веќе ги има ставено арбитражните судови во договорите со одредени компании. Имаме спорови кои сѐ уште со водат на вакви судови во странство – Окта, ЕВН, Свислион. Дел од нив се решени, а за дел сѐ уште се води постапка. Сепак размислуваме арбитражата да ја ставиме во договорите за јавно-приватно партнерство. Во нив може да стои дека за споровите е надлежен арбитражниот суд во земјата – рече Анѓушев.

Такво барање денеска на конференцијата испорача Горан Рафајловски претседател на Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора.

– Владата може да ја вметне клаузулата арбитража во сите договори каде што таа е инвеститор. Одлуките на Арбитражниот суд се конечни проверени и се признати секаде во светот. Предност на овие судови е и тоа што уште при доставувањето на документацијата, без која судот не работи, може да се согледа конечното решение кое не се донесува со надгласување на тројцата судии, туку со нивна согласност – рече Рафајловски.

Тој изрази задоволство што расте бројот на договори во кои клаузулата за решавање е арбитражата.

Според него, пет отсто од вкупниот број судски процеси се одвиваат преку Арбитражниот суд.

Вицепремиерот Анѓушев посочи дека за да се подобри состојбата треба да се работи на две линии.

– Компаниите треба да го препознаат домашниот арбитражен суд како можност за побрзо, поефикасно и подобро решавање на нивните спорови, бидејќи имаат можност да ангажираат експерти, наместо да одат на редовните судови каде што процесите траат долго. Второто прашање е да се зајакнат капацитетите на овој суд – рече Анѓушев.

Амбасадорката на Швајцарија во земјава Сибиле Сутер Тејада, рече дека е горда оти нејзината земја има стогодишна традиција на Арбитражниот суд.

– Овие два дена очекувам да ги споделиме швајцарските искуства во решавањето на споровите преку арбитражата. Посебно сум задоволна што еден од врвните швајцарски адвокатi во Арбитражниот суд ќе биде излагач на конференцијата – рече Сутер Тејада.

Меѓународната арбитражна конференција „Преку унапредување на арбитражното законодавство до подобро деловно опкружување“ се одржува денеска и утре во Стопанската комора.

Организатор на конференцијата е Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Македонија со поддршка на Централно европската иницијатива и Амбасадата на Швајцарија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...