Пријателските односи меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија продолжуваат да се зацврстуваат со реализација на проекти од заеднички интерес. Најновиот резултат од пријателските односи меѓу двете држави е одлуката за реконструкција на заедничкото, основно и средно училиште во Пустец, која беше дел од заклучоците на заедничката седница на владите на двете земји во Поградец минатата година, соопшти Владата.
– Оваа одлука дојде како резултат на претходната активност на премиерот Зоран Заев и министерот задолжен за дијаспората Едмонд Адеми, во иницијативата на Владата на Република Албанија за реконструкција на 33 основни и средни училишта во Албанија, да биде вклучено и заедничкото основно и средно училиште во Пустец, во кое наставата се изведува на македонски и на албански јазик. Реновирањето на училиштето во Пустец, веќе подолг период беше барање на македонската заедница која живее во Пустец, а нејзиното реализирање уште еднаш ги потврдува одличните односи помеѓу двете држави, и потврдува дека Албанците во Северна Македонија и Македонците во Албанија се мост за градење блиски односи, стои во соопштението.