На вчерашната владина седница помина одлуката за организирање и спроведување на кампања за референдумот, но допрва треба да се донесе план и програма за спроведување на кампањата, изјави на прес конференција Мухамед Хоџа, портпарол на Владата.
Тој не откри колку ќе чини кампањата, односно колку буџетски средства Владата ќе потроши за кампањата за референдумот. Хоџа повтори дека на седницата на Владата бил донесен заклучок министерствата во рок од три дена да достават до Министерството за финансии колку пари можат да пренаменат за кампањата. Според него, тогаш ќе може и да се излезе со проекција колку пари ќе бидат одвоени за кампањата.
– Со кампањата ќе ги информираме граѓаните дека успешен рефендум значи отварање на патот на земјата за членство во НАТО и Европската унија, ќе биде презентиран договорот за името со Грција и за придобивките од него. Секое министерство и институција од своите буџети ќе треба да кажат колку пари можат да се пренаменат за кампањата за референдумот. Тоа ќе биде од одредени заштеди од репрезентации или од други ставки. Сметаме дека референдумот е многу важен за земјата и сите средства кои ќе се користат за спроведување на кампањата ќе бидат јавно објавени – рече Хоџа.
Во врска со досегашната кампања на Фејсбук страницата на премиерот Зоран Заев за референдумот, Хоџа рече дека се работи за потрошени средства до сто евра за јавно рекламирање на Фејсбук страницата.