Владата на Република Македонија денеска во рамки на 117-та седница ја разгледа Информацијата за извршување на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување стратешко партнерство меѓу страните, односно Договорот од Преспа.
Од владината прес-служба информираат дека со одлуките поврзани со имплементацијата на одредбите од Преспанскиот договор се предвидуваат сет мерки и активности што треба да ги преземе Владата на РМ, како и сите други органи на државната управа и државните институции, а кои произлегуваат од усвоените амандмани на Уставот на Република Македонија и кои ќе стапат на сила седум дена по влегувањето во сила, односно веднаш после ратификацијата на Протоколот за пристапување на нашата земја во НАТО од страна на Република Грција и кои ја регулираат употребата на новото уставно име согласно амандманите.
Согласно овие заклучоци, надлежните министерства, државни органи и институции, јавните претпријатија и акционерските друштва во сопственост на државата во предвидениот рок по стапувањето на сила на амандманите 33, 34, 35 и 36 на Уставот на Република Македонија, ќе треба да извршат промена на таблите на граничните премини и државната граница на нашата земја, на дипломатско-конзуларните претставништва, како и на влезовите на институциите.
За истата таа постапка, соодветни препораки ќе добијат и единиците на локалната самоуправа, додека пак, секторите и службите за односи со јавност на државните и јавните институции ќе добиваат насоки за употреба на уставното име согласно усвоените амандмани.
Една од одлуките за оваа точка, како што наведуваат, е и обврската државните органи да формираат работни групи за утврдување на натамошните мерки и активности за извршување на одредбите на Договорот од Преспа, а Генералниот секретаријат на Владата на РМ доби задолжение да формира Меѓуресорска група која ќе треба да изработи сеопфатен Национален акциски план за понатамошните мерки и активности за извршување на обврските на Република Македонија кои произлегуваат од договорот со Грција.
Во соопштението се наведува дека како дополнување на оваа точка, на седницата е предложено и прифатено овие обврски за извршување на одредбите од Преспа да се усогласат и со Законот за употреба на јазиците.