Три можни модели за понатамошно функционирање на безбедносниот и разузнавачкиот систем во земјата се наоѓаат на маса на релевантните институции за разгледување, неофицијално дознава Алсат М.
Првата опција е да се продолжи со тековниот модел со кој Управата за безбедност и контраразузнавање останува во рамки на Министерството за внатрешни работи. Вториот модел предвидува разделба на УБК од МВР и нејзино функционирање како посебно и независно тело. Третиот модел кој се разгледува е спојување на УБК со Агенцијата за разузнавање, односно формирање на специјален орган.
Алсат-М неофицијално дознава дека власта го фаворизира вториот модел. Со него, тајната полиција ќе се претвори во разузнавачка и контраразузнавачка служба, ќе има превентивна а не репресивна функција со јасна поделба на овластувањата, автономија во истраги и целосна деполитизација.
Инаку, УБК по овие промени се очекува да биде посебен правен субјект во надлежност на Владата. Директорот треба да биде предложен од извршната власт, но да биде избран од Собранието и да има тригодишен мандат, со опција за повторен избор.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски деновиве изјави дека суштинските реформи во безбедносните служби ќе почнат во ноември. Во ноември се очекува со работа да почне и Оперативно техничаката агенција на кои и беа пренесени надлежностите на УБК во врска со прислушувањата.