Владата денеска ги сподели информациите за трошоците за плати на сите 91 советници и надворешни соработници на поранешниот премиер Никола Груевски кои изнесувале 1,73 милиони евра годишно.
„Потенцираме дека сумата за плати која била потрошена во тој период е тројно поголема од вкупната сума која оваа Влада ја издвојува за сите советници, посебни советници и надворешни соработници на премиерот“, се наведува во соопштението на Владата.
Оттаму истакнуваат дека поради обемот на архивирана документација и нестандардното архивирање сѐ уште не се обработени податоците за периодот 2006 – 2010 година за ангажирани лица како советници и соработници на Груевски.
Меѓу надворешните советници имало и такви кои биле ангажирани со плата од 7.000 евра месечно.
Меѓу советниците биле Александар Никовски со плата од 3.000 евра, Тео Вајгл, Влатко Илиевски, Панче Кралев, Бранислав Саркањац, Срѓан Керим, Сенко Велинов, Сашо Стефановски, Христијан Мицкоски и многу други.