СЈО да стане минато, во рамки на обвинителскиот систем да не се формира уште едно обвинителство за висока корупција туку постоечкото Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да се унапреди и да ги добие сличните привилегии и независност како тие што досега ги имаше СЈО. Новото име на тоа обвинителство, според Предлог-законот ќе остане речиси исто, но со додавање на еден збор: Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција. Вилма Русковска ќе си остане шефица бидејќи сѐ уште има мандат. А, предметите на СЈО кои се во судска постапка да продолжат.
Ова ќе биде вметнато во нов Предлог-закон за јавно обвинителство кој ќе го поднесе Владата откако пропадна лидерската средба поради тоа што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, не ја прифати поканата.
Во претходниот предлог-закон за кој пропаднаа преговорите, се предлагаше обвинителството со кое во моментов раководи Русковска да остане исто, а СЈО да продолжи како посебно обвинителство за висока корупција, но во рамки на обвинителскиот систем и со поголема независност. Сега, пак, новиот предлог е ресурсите од СЈО да се прелијат во постоечкото Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
– Новото обвинителство ќе го води Вилма Русковска која има мандат и која во моментов го води тоа обвинителство, а сите обвинители од СЈО ќе продолжат да работат во новото обвинителство. Нивниот мандат е до 15 септември, ќе имаат право да конкурираат повторно ако сакаат или не – рече Заев кој посочи оти и целокупната структура, ресурси, опрема, материјали и архива се предлага да ги преземе обвинителството на Русковска.
Тоа, според Владата, ќе биде отпорно на влијание бидејќи ќе добие поголема независност од досегашната или слична како таа што досега ја имаше тимот на Катица Јанева.
Обвинителствоото ќе биде дел од јавнообвинителски систем, но републичкиот обвинител ќе нема право да пренасочува обвинители од него на привремена работа во други обвинителства, ниту пак, да им одзема предмети. Да им земе предмет, според предлог-законот, ќе може ако се утврди дека не се постапува законски и се чуваат предмети во фиока.
Русковска или кој и да е нејзиниот наследник, сам ќе си прави план за буџет и ќе го предлага до републичкиот обвинител и до Министерството за финансии, а Владата и Собранието нема да може да го менуваат таквиот финансискиот план.
Заев, посочи и дека ќе се оттргнат политички влијанија и со начинот на кој ќе се избира шеф на тоа обвинителство откако ќе истече мандатот на Русковска. Него ќе го избира Советот на јавни обвинители и тоа со двотретинско мнозинство.
– Откако Катица Јанева ја депонираше својата оставка, не денеска не гледаме никаков изговор за опозицијата да избегнува разговори освен ако не сака да заштитува нечиј криминал. Време е да ги заокружиме реформските приоритети за да се претставиме како земја која ги затворила сите прашања. Да бидеме одговорни и на никого да не му дадеме аргумент за алиби. Овој закон е важен за целата јавност зошто го покрива пола од правосудниот систем. Ги повикувам сите пратениците да го разгледаат предлогот и со сета одговорност да ја гарантираат правната држава – рече Заев кој посочи оти денеска Предлог-законот ќе го испратат и до партиите.
Во Собранието, рече тој, ќе отворат дебата со сите пратенички групи и се надева дека ќе се постигне консензус и двотретинско мнозинство.