Нефункционалните мерни станици за загадување со ПМ10 честички во Лисиче и Гази Баба ја оневозможуваат Влада да ги активира интервентните мерки против аерозагадувањето донесени со Уредба на работна група во владата, реагираат екоактивистите од „Скопје смог аларм“.
– Согласно уредбата, доколку среднодневната концентрација на ПМ10 честички е над 200 мг/м3 во два последователни денови во најмалку две мерни станици во Скопје, тогаш стапуваат на сила мерки од типот ослободување од работни обврски на бремени жени, постари лица, лица со хронични заболувања, потоа воведување на бесплатен јавен превоз, дневно чистење на улиците, зачестени инспекции, посебен сообраќаен режим итн. Фактот што мерните станици за ПМ честички во Лисиче и Гази Баба се нефункционални во екот на загадувањето, укажува на несериозен пристап кон проблемот од страна на надлежните. Исто така сметаме дека итните мерки треба да се активираат доколку среднодневното загадување надмине 100 мг/м3 во два последователни денови, што веќе е случај со мерните станици во Карпош, Ректорат (УКИМ) и Центар, стои во соопштението.