Владата на Ципрас веројатно нема да падне, а има и мнозинство за Договорот од Преспа

 Данелис од Река, заедно со чтворица пратеници од Независни Грци кои ќе гласаат позитивно за довербата на Владата (министерката за туризам Елена Кундура, заменикот министер за земјоделство, Василис Кокалис и пратениците Танасис Папахристопулос и Костас Зурарис), како и независната пратеничка и алтернативна министерка за цивилна заштита, Катерина Папакоста ги обезбедуваат потребните гласови. Овие шест пратеници, заедно со 145те на СИРИЗА се доволни за Владата на Ципрас, на гласањето утревечер да добие доверба од Парламентот.

217
ФОТО: EPA-EFE / NIKOS ARVANITIVIS

Во пресрет на расправата за доверба на грчката Влада и утрешното гласање, владиниот портпарол и министер без ресор на Грција, Димитрис Ѕанакопулос, смета дека Владата ќе добие доверба и ќе може да продолжи да ја води земјата.

Во интервју за грчката телевизија Алфа тој објасни дека гласањето доверба на Владата не треба да се поврзе со ратификацијата на Договорот од Преспа, бидејќи се две комплетно различни гласања, а едното не го одредува другото, но додаде дека и за двата процеси постои мнозинство во актуелниот Парламент, јави дописничката на МИА од Атина.

Грчкиот премиер, Алекис Ципрас говорејќи на конференција посветена на Договорот од Преспа, само неколку часа по заминувањето на Панос Каменос од коалициската Влада, а на два дена по изгласаните уставни измени кај нас, му честиташе на неговиот македонски колега и рече дека „исто како што соседите не се повлекоа, така и Грција нема да се повлече“, бидејќи смета дека договорот е историски, национално корисен и патриотски.

Оној кој токму поради договорот се повлече од коалициската влада, Панос Каменос, остана без двајца негови пратеници, откако министерката за туризам на Грција, Елена Кундура и заменикот министер за земјоделство Василис Кокалис, и двајцата од Кина каде што се дел од владината делегација, соопштија дека ќе гласаат за доверба на грчката влада, по што и експресно беа избришани од пратеничката група на Независни Грци.

Одлуката за нивно отстранување, лидерот на партијата, Панос Каменос ја соопшти преку неговиот официјален Твитер профил.

На утрешното гласање доверба на владата, уште двајца пратеници од Независни Грци ќе заземат спротивна позиција од претседателот.

Танасис Папахристопулос, кој и во минатото јавно изјавуваше дека го поддржува Договорот од Преспа, во интервју за грчката телевизија ЕРТ, вчера го повтори неговиот став дека ќе гласа „за“ и за доверба на владата и за ратификацијата, а потоа ќе го отстапи пратеничкото место.

Неговиот сопартиец Костас Зурарис, веројатно е дека ќе ја поддржи владата, но не и Договорот од Преспа.

Пратеникот од Река, Спирос Данелис, пак, ќе гласа за доверба на грчката Влада, наспроти партиската линија, а со синоќешната негова одлука се чини веројатно дека веќе се собрани неопходните151 глас, јави дописничката на МИА од Атина.

Данелис вчера имаше средба со лидерот на партијата, Ставрос Теодоракис, кој според грчките медиуми, му дал ултиматум на пратеникот да му ја соопшти одлуката.

Река нема да гласа за доверба на Владата, додека пак за ратификацијата на Договорот од Преспа, секој пратеник ќе гласа според своето лично убедување.

Не е исклучена можноста, според медиумите во Грција, Данелис да биде исклучен од пратеничката група на Река.

Учеството на Данелис на конференцијата посветена на Договорот од Преспа во неделата вечерта, на која што  се обрати и грчкиот премиер, многумина ја коментираа како чекор кон поддршка за Владата.

Данелис од Река, заедно со чтворица пратеници од Независни Грци кои ќе гласаат позитивно за довербата на Владата (министерката за туризам Елена Кундура, заменикот министер за земјоделство, Василис Кокалис и пратениците Танасис Папахристопулос и Костас Зурарис), како и независната пратеничка и алтернативна министерка за цивилна заштита, Катерина Папакоста ги обезбедуваат потребните гласови. Овие шест пратеници, заедно со 145те на СИРИЗА се доволни за Владата на Ципрас, на гласањето утревечер да добие доверба од Парламентот.

ФОТО: EPA-EFE / NIKOS ARVANITIVIS

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...