Владата по вторпат му укажа на Судскиот совет да го прифати нејзиното решение и да им исплати надомест на штета на вработените во судската служба кои штрајкуваа во 2016 година откако Судскиот совет еднаш го одби тоа барање.
Владата повикува Судскиот совет да ја препознае, како што вели, социјалната, демократската и економската вредност на решението кое е во корист на обезбедување мотивирана и ефикасна служба во судовите.
Претходно, Владата соопшти дека остварила повеќе работни средби со претседателите на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (Синдикатот на УПОЗ) и на Судскиот совет и нивни претставници, заради изнаоѓање решение во врска со прашањето за враќање на задржаните средства на вработените во судската служба за време на штрајкот во периодот од 18.05.2016 до 15.07.2016 година.
Во текот на остварените контакти, Владата изразила разбирање за наведениот проблем и јасно ја искажа волјата и спремноста за решавање на истиот, преземајќи ја обврската за обезбедување на паричните средства.
Сепак, и покрај тоа што Владата ги обезбедила потребните пари, Судскиот буџетски совет доставил известување до Владата, дека за време на штрајкот на судската администрација во 2016-та година, претседателите на судовите извршиле исплата на плата согласно со член 77 од Законот за судска служба, односно на учесниците во штрајкот им исплатиле плата во висина од 60% од платата што ја примиле претходниот месец. Со ова објаснување, Судскиот совет ја известил Владата дека не ја прифаќа Предлог спогодбата на Синдикатот на УПОЗ за исплата на задржаните пари од платите на штрајкувачите.