Владата одговора на забелешките на пратеникот Илија Димовски од ВМРО – ДПМНЕ искажани на денешната собраниска седница за пратенички прашања.
Димовски го праша Џафери како ќе ја води седницата кога половина од министрите се отсутни и забележа дека не може со пола Влада да глумат транспарентност, ниту да се тераат прaтенички парашања.
Одговорот на Владата го пренесуваме во целост:
„Обврските и должностите кон Собранието на Република Македонија, како и пред граѓаните, Владата целосно ги исполнува, вклучително и обврската за редовно одговарање на пратенички прашања.
Претседателот на Владата на Република Македонија редовно присуствува на овие собраниски сесии и целосно ја презема одговорноста да ја претставува работата на Владата во сите нејзини аспекти, и да одговори на пратеничките прашања.
Таа обврска ја исполнуваат и сите останати членови, министри и заменици министри во Владата на РМ. Понекогаш нивните обврски, работни посети и службени ангажмани на терен се совпаѓаат со парламентарните сесии посветени на пратеничките прашања. Во такви ситуации нивните обврски се исполнуваат според постапката за соодветна замена или за писмен одговор на пратеничките прашања во најкус можен рок.
Владата на Република Македонија останува посветена на одговорно однесување кон Собранието, кое граѓаните на земјата го очекуваат од сите институции и релевантни политички субјекти“, се вели во писмениот одговор од Владата.