Пет месеци откако високите бонуси што ги откри во јавноста американскиот амбасадор Џес Бејли ја урнаа Државната изборна комисија се очекува кон средината на мај во Собранието да почне постапка за избор на нова ДИК.
Тоа за Плусинфо го најавува пратеникот Томислав Тунтев, координатор на пратеничката група на СДСМ.
Тунтев е со оптимистички најави дека наскоро ќе има и нова Комисија за спречување на корупцијата, откако кон средината на март годинава паднаа антикорупционерите раководени од претседателот Игор Тантуровски, поради наводи во внатрешната ревизија за исплата на фиктивни патни налози и трошења на буџетски пари.
Тунтев вели дека во договор со опозицијата, во моментов се работи на комплетирање на ДИК според старото законско решение, односно да има седум членови, претседател, потпретседател и пет члена.
-Станува збор за преодно решение, кое ќе биде активно се додека не се подготви новата изборна регулатива. Очекувам ова преодно законско решение да биде ставено на дневен ред на првата наредна собраниска седница, на 21 мај. Во меѓувреме, како што е познато, работни групи од владејачкото мнозинство и опозицијата работат на подготвување на нов Изборен законик, кој ќе го опфати и ова прашање – вели Тунтев, координаторот на пратеничката група на СДСМ.
Кога на почетокот на март пукна аферата за злоупотреби и за несовесно трошење на парите на граѓаните во Државната комисија за спречување на корупцијата, тогашниот состав на комисијата, кој претходно беше мета на критики поради своето неработење се соочи и со фактот дека нема професионален и етички кредибилитет да води битка против корупцијата во државата. Тогаш се отвори дебата дека во столчињата на државните антикорупционери треба да седнат експерти кои ќе бидат моќни да се спротивстават на какво било коруптивно однесување на функционерите, но и кадерни да се изборат за правата на граѓаните, наспроти обврските на институциите.
Тунтев во изјава за Плусинфо најавува нови решенија скроени според препораките на европски експерти.
-Според информациите од Владата, се работи на ново законско решение. Тоа ќе обезбеди вистинска и соодветна контрола на евентуалните злоупотреби во државните и јавните институции. Според препораките наведени во Извештајот на Рајнхард Прибе, нам ни требаат квалитетни регулаторни тела во кои ќе има стручни лица, независни експерти. Верувам дека тоа ќе го овозможи и новото законско решение, кое очекувам во најкус можен рок да влезе во собраниска процедура, по што ќе може и да се избере новиот состав на Антикорупциската комисија – вели пратеникот Тунтев.