Владата на Јемен и шиитските бунтовници Хути постигнаа договор за повлекување на борците од градот Ходеида, соопштија Обединети нациии.
Првото повлекување на борците од Ходеида требаше да почне две недели по прекинот на огнот, договорен на 18 декември. Иако примирјето генерално се почитува, доцни примената на другите договорени мерки, како што е повлекување на борците од Ходеида и размената на затвореници.
Ходеида е главно пристаниште во Јемен преку кое пристигнува хуманитарната помош.
Судирите во Јемен почнаа во 2014 година кога шиитите Хути зазедоа поголем дел од земјата, а насилствата ескалираа во 2015 година кога Саудиска Арабија, заедно со сунитските сојузници се вмеша во војната.
Хутите, кои имаат поддршка од Иран, војуваат против меѓународно признаената Влада на Јемен, која е поддржана од арапската коалиција предводена од Саудиска Арабија.
Во судирите во најсиромашната арапска држава загинаа над 10.000 луѓе, а милиони се раселени.