Владата задоволна од напредокот на медиумските слободи, за МРТВ ја обвини опозицијата

170

Владата го поздрави напредокот на земјава на листата на медиумски слободи што секоја година ја прави организацијата „Репортери без граници“.

„Напредокот во 2019 година за 14 места на ранг листата на „Репортери без граници“ за состојбата со слободата на медиумите врз основа на податоците за 2018 година е значителен, и ја става нашата земја на 95. место за разлика од пред една година кога бевме на 109 позиција.

По стагнацијата и падот на медиумските слободи во годините пред 2017, овој напредок е сигурен показател дека преземените мерки и активности во делот на концептот за отворена влада, преку подобрување на степенот на транспарентноста и преку демократизацијата на медиумскиот амбиент, ги дава неопходните резултати.

Во насока на подобрување на слободата на медиумите, на предлог на Владата на РСМ се измени и член 1 од Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик од 5-ти февруари 2019 година, со што се отстрани обврската за Државната изборна комисија да врши мониторинг на електронските медиуми (порталите) за време на изборните процеси, што претставува позитивно решение во однос на укажувањата во извештајот.

Уверени сме дека ситуацијата ќе беше уште подобра доколку опозицијата не го кочеше усвојувањето на измените во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кој поради кочењето со задоцнување помина во Собранието на РСМ во февруари оваа година. На односот на опозицијата укажува и наративниот извештај на „Репортери без граници“, во кој, исто така се констатира дека МРТВ сѐ уште „им служи на интересите на поранешната владејачка партија“, што наведува на заклучокот дека јавниот сервис мора да биде ослободен од какво било партиско-политичко влијание.

Владата на РСМ останува посветена на ставот дека медиумските слободи се столб на демократијата и дека концептот отворена влада е сеопфатен само со напредок во медиумските слободи. Затоа, Владата изразува целосна подготвеност за соработка со сите чинители со цел отстранување на недостатоците во полза на слободата на изразувањето во медиумскиот простор“, се наведува во соопштението од Владата.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...