Владата е подготвена за меѓународна експертиза за случајот „Диво насеље“

319

Владата е подготвена за меѓународна експертиза за случајот „Диво насеље“, рече премиерот Зоран Заев.

– Согласно позитивните прописи во Македонија утврдивме дека таа не може да се вклучи во средината од судскиот процес. Мора процесот да заврши до фаза на правосилност на пресудата за потоа да се внесат меѓународни претставници како коментатори, како луѓе кои што ќе бидат во самиот процес, рече Заев.

Според него, детали може да каже Министерството за правда во зависност од тоа кога завршила одредена фаза од постапката и преку меѓународна експертиза ќе може да се искоментираат и да се дадат одредени ставови во врска со овој предмет.

Владата во ноември минатата година прифати да биде отворена меѓународна истрага за случајот „Диво насеље“. Премиерот Зоран Заев изјави дека е информирана меѓународната заедница и оти се бараат начини за спроведување на меѓународна истрага за неразјаснетите околности поврзани со настаните во кумановската „Диво насеље“.

Од 37 обвинети за тероризам и терористичка организација, 33 лица беа осудени за делата, а за четири лица е донесена ослободителна пресуда. За осуммина беше изречена казна од доживотен затвор.

На 9 и на 10 мај 2015 година, во кумановско „Диво насеље“ вооружена група се судри со безбедносните сили. Во престрелката загинаа осум полицајци од специјалните и од посебните единици на МВР, додека четириесетина беа тешко повредени. Убиени беа и десет лица од вооружената група.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...