Владата донесе одлука да се зголемат платите во образованието

1170

 Владата на денешната редовна седница донесе одлука за зголемување на платите на вработените во основно и во средно образование за пет отсто, почнувајќи од исплатата на септемвриската плата годинава.

За покачувањето на платите во основно образование, за четвртиот квартал од 2018-тата година, Министерството за образование и наука ќе издвои 99 милиони денари, додека за покачувањето на платите во средно образование, вкупно 40 милиони денари, соопшти владината прес-служба.

За реализација на предвиденото покачување на платите Министерството за образование и наука ќе потпише спогодби со Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија. Со Спогодбите се утврдуваат најниската плата за најнискиот степен на сложеност на вработените во основните училишта која ќе изнесува 12.714 денари и најниската плата за најнискиот степен на сложеност на вработените во средните училишта која ќе изнесува 13.117 денари.

На 85-тата седница, на предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Владата ја прифати предлог – уредбата за изменување и дополнување на уредбата за поблиските критериуми за директни плаќања, корисниците на средствата, максималните износи и начинот на директните плаќања за 2018-та година.

Со уредбата, се обезбедува дополнителна субвенција од еден денар за килограм предадено грозје за сортите вранец и смедеревка. Оваа мерка ќе придонесе и за зголемување на рентабилноста на производството на овие две најзастапени сорти.

Владата денеска го усвои концептот за Национална структура за водење на процесот за зачленување на Република Македонија во НАТО.

Владата ги задолжи министрите за одбрана, за надворешни и за внатрешни работи, за правда, за финансии, за информатичко општество и администрација, како и директорот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, во рок од еден ден да определат претставник или претставници од нивните институции кои ќе земат учество во работата на работниот комитет за интеграција во НАТО.

Исто така, Владата го задолжи Националниот координатор за НАТО да одржи состанок на работниот комитет за интеграција на Република Македонија во НАТО во рок од седум дена.

Согласно одлуката за утврдување на бројот на стипендистите и висината на стипендиите за ученици запишани во средните училишта во Република Македонија за учебната 2018/2019, 100 талентирани ученици и 80 талентирани ученици – спортисти ќе добиваат стипендија во висина од 2. 970 денари. 100 учениците со посебни потреби и 50 ученици – деца без родители ќе добијат стипендија од 2.750 денар, а 400-тини ученици ќе добијат стипендија за социјална поддршка од 2.200 денари. Стипендии се предвидени и за учениците Роми.

Владата, исто така, донесе одлука за доделување на 50 стипендии на странски државјани од интерес на Република Македонија, односно за студенти со македонско потекло кои живеат во државите на Балканскиот полуостров.

Стипендии ќе добијат студентите кои ќе се запишат како редовни студенти на државните универзитети: „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, „Св. Климент Охридски“ – Битола, „Гоце Делчев“ – Штип, Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ – Охрид, „Мајка Тереза“ – Скопје и Универзитетот во Тетово во студиската 2018/2019 година.

На денешната седница министрите го прифатија правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење. Целта на овој правилник е обезбедување на безбедна и чиста вода заради заштита на здравјето на луѓето од несаканите ефекти од контаминација на водата за пиење.

Препознавајќи ја потребата од зајакнување на економската соработка меѓу Република Македонија и Босна и Херцеговина, при тоа зачувувајќи ги принципите на еднаквост, взаемна корист и недискриминација, Владата го прифати предлогот на Министерството за економија за поведување постапка за водење преговори за склучување на Договорот за економска соработка меѓу двете земји.

Целта на договорот е да ја поттикне и да ја унапреди економската соработка во области од заеднички интерес на Република Македонија и на Босна и Херцеговина, а со тоа да се одржи економскиот развој на двете земји, како и да се подобри економската ефикасност и благосостојба на потрошувачите.

На 85-тата седница Владата го разгледа и го прифати годишниот извештај за преземените активности и постигнатиот напредок за воспоставување еднакви можности на жените и мажите во Република Македонија за 2017-та година. Дел од препораките кои произлегуваат од Извештајот за 2019-тата година се да се обезбедат: достапни и квалитетни услуги во поглед на сексуалното и репродуктивно здравје, продолжување и финализирање на процесот на грижа за децата и пренесување на товарот од жените кон општеството преку зголемување на капацитетите и обезбедување на различни форми на згрижување на децата, воведување мерки за балансирање на работата и семејството и зголемување на стапката на учество на жените на пазарот на труд и воведување на специјални мерки за економско јакнење на жените и руралните жени;

Владата на денешната седница ги именуваше Сали Ајдини за директор на Државниот комунален инспекторат, Рухан Иљази за директор на Дирекцијата за радијациона безбедност, како и Сами Рушиди, за заменик – директор на Дирекцијата за странски инвестиции

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...