Владата денеска ќе ја одржи 141. седница, соопштија од владината прес-служба. Меѓутоа, во најавата за дневниот ред не се споменуваат директорски и смени во управните одбори кои се најавуваа со „метлата“.
Тие најверојатно ќе следат откако ќе биде изгласана реконструкцијата на Владата.
Според најавата за денешната владина седница, на дневен ред ќе биде информацијата за испраќање на републички сили за заштита и спасување на меѓународната вежбовна активност за менаџирање на итни ситуации што ќе се одржи во Ниш.
Меѓународната вежба во Ниш ќе се одржува од денеска до четврток и е во организација на Секторот за вонредни ситуации при Министерството за внатрешни работи на Република Србија и Министерството за цивилна одбрана на Руската Федерација.
На денешната седница, министрите ќе бидат информирани и за збирниот извештај за настанатите штети од елементарните непогоди што во 2018 година ги зафатија општините Арачиново, Богданци, Валандово, Врапчиште, Делчево, Лозово, Могила, Прилеп, Ресен и Свети Николе.
Владата ќе ја разгледа и Информацијата за текот на процесот на апликацијата за Националната франкофонска иницијатива за периодот 2019-2022 година, во Меѓународната организација на Франкофонијата, а министер без ресор за имплементација на Националната стратегија за подобрување на состојбата на Ромите, ќе информира за преземените активности во врска со реализацијата на активностите од Стратегијата за Роми 2014-2020.