Владата денеска го задолжи Министерството за здравство како договорен орган да ја спроведе постапката за јавна набавка за започнување на реализација на нов Универзитетски Клинички Центар на greenfield локација во Скопје.
„За потребите и реализацијата на новиот Универзитетски Клинички центар на гринфилд локацијата во Општина Ѓорче Петров од аспект на изведба на инфраструктурни објекти и водови, Министерството за здравство поведува иницијатива за поддршка од надлежните институции (министерства, агенции и органи на извршната власт, општините во Град Скопје и Град Скопје), преку јавните претпријатија во чија надлежност се истите, да ги согледаат можностите за изготвување на потребна документација со техничко решение за изведба на инфраструктурните објекти и водови и со тоа да дадат свој удел во реализацијата на проектот за нов Универзитетски Клинички центар на гринфилд локацијата“, соопшти Министерството за здравство.
Изградбата на нов, современ и функционален Универзитетски клинички центар во Скопје треба да гарантира високо квалитетни здравствени услуги на населението во целата држава.
Владата соопшто дека го задолжила Министерството за финансии, во соработка со Министерството за здравство да отпочне преговори со конзорциумот на банки Erste group, Raifaisen bank и UniCredit за заем обезбеден со гаранција од ECA.
На седницата е констатирано дека е завршена фазата на утврдување најповолна понуда на кредит, а тоа што станува збор за познати светски банки, само ја потврдува довербата на странските кредитори кон нашата држава.
За потребите и реализација на новиот Универзитетски Клинички центар, Владата донесе одлука, со оглед дека во изведбата обврски имаат и други министерства и институции, да даде рок од 30 дена, во коишто тие ќе ја разгледаат можноста за придонес во реализацијата и повратно ќе ја известат Владата.
На владината седница е констатирано, дека доколку сите процедури се одвиваат според предвидената динамика, може да се очекува во текот на зимата да биде поставен камен темелникот на новиот Универзитетски Клинички центар во Скопје, којшто треба да гарантира високо квалитетни здравствени услуги за населението во целата држава.