Република Северна Македонија ги поздравува екстензивните напори на САД под лидерство на претседателот Трамп, рефлектирани во неговиот план за решавање на израелско – палестинскиот конфликт, соопшти Владата.
„Статус квото не е одржливо, изразуваме надеж дека преку преговори ќе може да се дојде до долгопосакуваното решение за две држави, базирано на визијата за мир на Блискиот Исток. Ги повикуваме лидерите на Израелците и на Палестинците да го искористат овој моментум и да демонстрираат јасна посветеност за постигнување на решение по пат на преговори за овој долготраен конфликт, се наведува во соопштението од Владата.
Северна Македонија, како што се наведува, се залага за постигнување траен мир и стабилност на Блискиот Исток, одржливо и фер решение на конфликтот, кое ги почитува легитимните интереси на двете страни и кое ги зема предвид релевантните резолуции на Обединетите Нации.
Планот на Трамп предвидува независна палестинска држава, иако таа ќе мора да биде потчинета на израелските безбедносни интереси и целосно демилитаризирана. Ерусалим треба да стане главен град на Израел, а Палестинците ќе можат да добијат некои источни населби како свој „иден главен град“. Овој план не налага раселување или менување територии меѓу Израелците и Палестинците.
Трамп вели дека неговиот план е веројатно последната шанса за Палестинците да добијат своја држава.