Владата не прецизира кога уставните амандмани ќе бидат доставени до Собранието, иако пратеникот на СДСМ Александар Кирацовски изјави дека некои од амандманите може во Парламентот да стасаат денеска. Четирите амандамни, кои Беса ги испрати до Илинденска, Владата само ќе ги препрати до Собранието без да ги разгледува, брифираат од Владата за Плусинфо.
Алијансата за Албанците, пак, викендов допрва ќе договара колку амандмани ќе подготви.
Од Илинденска велат дека консултациите и координацијата во однос на подготвување на амандманите се одвиваат во моментов меѓу владата и пратеници во Собранието и дека кога ќе бидат финализирани ќе бидат испратени до парламентот.
Од таму брифираат дека Владата нема да ги разгледува амандманите на Беса, бидејќи тие не се однесуваат на Договорот од Преспа. Од Владата додаваат дека ги архивирале амандманите на Беса на Билал Касами и ќе ги препратат во Собранието.
Беса во делот на Преамбулата, предлага да се врати предлогот кој беше усвоен од потписниците на Рамковен договор од 2001 година, каде Македонија е дефинирана како рамноправна држава на сите граѓани.
Со друг амандман Беса бара освен македонскиот на целата територија во Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик да биде и албанскиот јазики и неговото латинско писмо. Партијата на Касами бара да се допрецизира во насока дека Република Македонија води грижа за своите граѓани кои живеаат надвор од територијата на Република Македонија, еднакво за сите етнички заедници.
И четвртиот амандман се однесува на предлогот претседателот на државата да не може да блокира закони кои се усвоени по второ гласање во Собранието.
Пратеникот на ДУИ Џеват Адеми, предупредува дека амандманите на Беса и на Алијансата ќе завршат во архивата на Собранието и воопшто нема да се разгледуваат бидејќи не се однесуваат на Договорот од Преспа.
Тој вели дека Собранието ќе разгледува амандмани само ако тие се позврзани со амандманите за измена на Уставот во согласност со Договорот од Преспа.
– Измени можат да се поднесат само за амандманите кои ќе ги предложи Владата. Амандман за името, амандман за преамбулата, за територијалниот интегритет на државата и за грижата на државата за дијаспората – ни изјави Адеми.
Од Алијансата пак велат дека викендов партијата ќе утврди колку амандмани ќе достави за измени на Уставот.