Владата ги симна буквите „Република Македонија“, почнува употребата на новото име

429

Атина денеска се очекува да испрати Вербална нота до Скопје со која ќе информира дека Грција го ратификуваше и Договорот од Преспа и Протоколот за членство во НАТО, најави вчера алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос, јави дописничката на МИА од Атина.

Македонија ќе има обврска да почне да употребува „Република Северна Македонија“. Порталот СДК.мк, утрово објави и фотографија на која се гледа дека од владината зграда се симнати буквите „Република Македонија“, кои треба да бидат заменети со новото уставно име.

Јоргос Катругалос, во интервју за грчката новинска агенција АНА-МПА, вчера ги појасни следните чекори откако грчкиот Парламент во петокот даде зелено светло за Протоколот за членство во НАТО, а на 25 јануари го ратификуваше Договорот од Преспа.

– Во понеделник ќе биде испратена Вербална нота што ќе информира за ратификацијата на договорот и во продолжение Северна Македонија ќе ги информира ОН, но и сите земји членки што ја признаа под уставното име, така што од сега па натаму признавањето да биде со новото уставно име. И секако, од понеделник започнуваат нејзините обврски, во внатрешноста да ги промени имињата на улиците, на објектите, на документите што го имаат старото име, како што беше договорено – објаснува Катругалос, за грчката новинска агенција, пренесе МИА.

Алтернативниот шеф на грчката дипломатија за АНА-МПА, на прашањето дали од следната седмица соседната земја ќе биде обврзана да го користи новото име, одговара позитивно и додава дека Договорот од Преспа е јасен во однос на тоа. 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...