Владата остро го осудува случајот со снимените телефонски разговори во Јавното обвинителство. Сметаме дека ваквите појави се рецидив од минатото и пракса на претходните владејачки недемократски процедури, рече портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски откако републичкиот јавен обвинител обелодени дека од 30 септември 2016 се снимале сите разговори со фиксните телефони во новата барокна зграда на Обвинителството.
– Владата очекува дека институциите ќе посветат максимални капацитети во истрагата, дека ќе се расчисти настанот и дека јавноста ќе биде целосно информирана. Тоа што можеме во моментот да го кажеме е дека МВР е целосно вклучено во предистражната постапка. Одговорноста мора да биде идентификувана, утврдена и целиот случај да има ефикасна судска разрешница – рече портпаролот.
Тој посочи дека Владата ги става на располагање на обвинителството сите капацитети со кои располага доколку тоа е побарано и потребно.