Број еден
Ми се пожали еден пријател за новиот оџа во Чаир. Го будел секое утро по 5-6 пати.
Не те разбирам, го прашав, како тоа 5-6 пати? Па, рече, ме буди првиот пат кога ќе почне да го пее езанот. Тоа што е непотребно гласен е башка муабет, туку овој прави и големи паузи. Така што јас повторно заспивам на секоја негова пауза, и повторно се штрекам при секое негово продолжување, нервно оболев, се штрекам секое утро по 5-6 пати, не се трпи.
Број два
Искачен на минаре, борејќи се со точноста на секундите на неговиот часовник, Настрадин оџа се спремал да го запее езанот, повикот за молитва. Таман да пушти глас, одоздола, еден минувач викнал по него.
– Хоџа ефендијо, хоџа ефендијо, те молам дојди малку, имам нешто итно да те прашам.
– Ама не можам човеку, морам да го пеам езанот, немам време.
– Ефендијо, итно е, дојди долу те молам, морам да те прашам нешто.
Мрзеливо, оџата слегол по стрмните скали и прашал задишан. – Кажи пријателе, за што се работи?
– Оџа ефендијо, имаш ли толку и толку пари борч да ми позајмиш?
– Ајде, дојди по мене – му рекол Настрадин оџа и почнал да се искачува по скалите на минарето. Кога се искачиле догоре, испотени и задишани, оџата му рекол: НЕМАМ! Ајде сега бегај долу!
Да не заборавам, сношти минав во Кино Охрид. Го гледав „Господ е жив, името ѝ е Петрунија“. Паметно напишано, убаво снимено и режирано.
Инаку, првиот виц се случува во Чаир додека вториот виц, може да се случи било каде во Македонија, но никако во Охрид.
Уствари, вториот виц немаТ шанси нит смејт да се случиТ во ОхриТ, пошто ак се случиТ во ОхриТ, ќе ја расипиТ целата слика и имиџ на градот. Не знам дал знајте, но охриѓани никош не бареТ пари на заем. Секој охриѓанец, зарад природната убајна е душевно богат дури пребогат чоек, и немаТ теоретски шанси да побараТ пари на заем.
Број три, з`ш немат втор без трет
Го прашале Настрадин Оџа што мисли за охриџани? Исто, рекол, мислам ко шо мислел Григор Прличе.
Тој шо прашал ништо не разбрал, пошто не знаел да чита ниту катаревуса ниту кирилица, па Настрадин морал да му дообјасни со анегдота, па рекол:
-Во цел свет постојат седум ѓаволи, шест за цел свет и седмиот за Охрид. Прес цел ден, шесте ѓаволи работат околу светот, и ко ќе се стемнит, идет сите во Охрид, да му помогнет на седмиот.
Третиов виц може да се случува сегде низ Македонија, но ние охриѓани ниту даваме ниту земаме на заем. Овој виц е измислен во Охрид и тука ќе си останиТ, аку сакате и вие таков, да си го измислите сами. Овој со седумте ѓаволи не е во понуда, не го даваТ нит Прличе нит охридскиот Настрадин. Ќе речете, е како може во Охрид да живее Настрадин Оџа, ќе му го расипе имиџот на Охрид? Може бе, з`ш да не мојт. Се мојт ак се сакат. Ак сакам, ете ќе го преселам и Итар Пејо од Мариово во Охрид. Од денес и Настрадин Оџа и Итар Пејо живеат во Охрид. З`ш доста ни е плачење, сакаме смеа и ни треба одбрана од седумте ѓаволи.
Анџак шо го почнавме муабетот, требит да го скратиме. Трагикомедија, брука жива. Да ти`бам УНЕСКО да ти `бам. Ние сме охридски џган, и горди сме со тоа. Дајте ги сите седум ѓаволи во Охрид, ги чекаме со Настрадин и Пејо. И двајцата самураи, со јазик катана.
Не знам дали ви споменав дека го гледав „Петрунија“? Никола Куме ме покана.
„Петрунија“ е филм во кој влегуваш погрд а излегуваш поубав човек.