Вице Заев, брат на премиерот Зоран Заев, во интервју за 1ТВ ги демантира обвинувањата на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски дека тој и неговиот брат направиле криминална коалиција со Сашо Мијалков, поранешниот шеф на тајната полиција, кој пред два дена беше исклучен од ВМРО-ДПМНЕ.
– Барам кажаното да го докаже на начин што сите евентуални докази ќе ги поднесе до Јавното обвинителство, а доколку не го стори тоа во рок од три дена, ќе сметаме дека докази нема и дека сето тоа е измислица, па според тоа ќе поднесам тужба за нарушување на честа и угледот, бидејќи ми се нанесува политичка, но и материјална штета. Не гледам како може да се направи било каква споредба меѓу мене и поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков. Ниту сум избран и именуван функционер, ниту имам некаква функција. Јас сум бизнисмен и со години работам во приватниот сектор. Моите фирми не учествувале на јавни тендери во изминативе години, а најмалку во последните неполни две години во кои мојот брат, Зоран Заев е премиер – вели Вице Заев.