Вице Заев до јавноста: Јас и никој од Заеви немаме врска со „Рекет“!

1218

Попладнево Вице Заев, брат на поранешниот премиер Зоран Заев, се огласи со обраќање до јавноста. Го пренесуваме во целост:

Почитувани,

После многубројните лажни вести за мене и за моето семејство, а кои се објавуваат секој ден од страна на ВМРО-ДПМНЕ во предизборната кампања, со цел лична дискредитација на мојот  брат и на нашето семејство, принуден сум да се обратам на јавноста.

Како и најголемиот број од нашите граѓани, јас и моето семејство цели 11 години, за време на режимот, бевме под притисок, под закани и уцени, а исто како и голем број други слободни граѓани, бевме изложени на смислена, црна пропаганда, преку медиумите кои ги контролираше Никола Груевски.

Деновиве се потсетувме на дел од овие методи на режимот, ги видовме остатоците на заробената држава повторно како реализираат црни кампањи. Се интензивираа нападите со лажни вести и конструкции насочени кон мене лично и кон моето семејство преку дел од медиумите и преку опозициската ВМРО-ДПМНЕ, контролирани од Груевски.

Сите овие измислици и конструкции ги демантирам јавно. Ниту јас, Вице Заев, ниту било кој член од моето семејство нема поврзаност со случајот познат во јавноста како „Рекет“, ниту пак со лагите кои на прес-конференции ги изнесува ВМРО-ДПМНЕ.

Изнесените невистини дека сум се среќавал со лицата осомничени за овој случај, дека сум седел, дека ме имало на некои снимки ги демантирам, тоа не е точно. Обидите за мое инволвирање на било каков начин во валканата политичка кампања сметам дека е намерно, лажно и тенденциозно, со единствена цел да му се наштети на Зоран Заев и политиките кои ги спроведува.

Ги повикувам сите надлежни институции да ги проверат сите изнесени наводи, да ги објават сите снимки, видеа, аудио-материјали, сè што има барам да се објави, за јавноста да се увери во вистината.

Самиот факт што законски била спроведена постапката за прибирање докази и видео материјали потврдува дека никој нема контрола над постапките што се водат во МВР, во обвинителството и судството, освен надлежните институции.

Ако некој имал контрола на овие институции, како што беше за време на режимот, тоа никогаш немало да се случи.

Народот гледа што се случува и сè му е јасно. Со невистини и лажни вести мета е семејството на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, затоа што тој е најголема закана за вистинските криминалци.

За овие луѓе нема ништо свето, ниту семејството, уште помалку граѓаните или државата.

Семејството Заеви, односно Зоран Заев е трн во окото за сите што се под контрола на Никола Груевски, избеганиот криминалец и кои не и мислат добро ниту на државата, ниту на граѓаните.

Ја уништуваа 11 години нашата татковина и избегаа за да се соочат со одговорност.

Затоа се шират лажни вести преку медиумите под нивна контрола, се шират измислици, секојдневно се пласираат тешки лаги, клевети, но и на прес-конференции на ВМРО-ДПМНЕ, не се бираат начини ниту средства да му се наштети на Зоран Заев и неговото семејство.

Им пречи затоа што беше најуспешен градоначалник на Струмица. Им пречи затоа што го сруши нивниот режим со пенкало. Им пречи затоа што ја донесе слободата и демократијата. Им пречи затоа што застана храбро против неправдите. Им пречи затоа ја придвижи економијата, ја врати социјалната сигурност, им помага на ранливите, не дели туку обединува. Им пречи затоа што успеа својата татковина да ја извади од калта и да ја внесе во НАТО, на чекор до ЕУ.

Но најмногу им пречи, затоа што се избори да се донесе Законот за јавно обвинителство со кој конечно доаѓа правда, се обезбедува правна држава и секој што се огрешил пред законот ќе одговара. Нема спас за криминалците. Ги чека затвор.

Јас не сум политичар и немам намера да се занимавам со политика. Со ова мое обраќање до јавноста сакам да соопштам дека нема повеќе да комуницирам ниту да реплицирам на нивните лаги, измислици, конструкции.

Нема да дозволам да ме вовлечат во нивната кал.

Не сум згрешил ништо, не сум прекришил ниту еден закон, работам одговорно и чесно.

11 години моето семејство, бизнисот со којшто се занимава, беше мета на бројни контроли, секојдневни инспекции од партизираните институции, па дури и тој режим не најде ништо незаконско, затоа што незаконско нема. Вистината е секогаш посилна од лагата.

Јас продолжувам да се занимавам со бизнисот со којшто сум уште од 1990 година навака. Семејството Заеви е успешно семејство не заради политиката туку заради луѓето и начинот на којшто го води бизнисот, одговорно и чесно, овде во нашата родна земја.

Обезбедуваме околу 800 работни места и придонесуваме во економијата со годишен данок по сите основи од околу 1 милион евра. Тоа се факти кои говорат за посветеност, за желба за напредок и ние така ќе продолжиме.

На тие што 11 години извршија грабеж на државата и ја држеа во изолација ценам дека им е кристално јасно дека нема да успеат да се спасат од одговорност ниту пак да го застанат напредокот на државата.

Јас, како и целото мое семејство, му даваме на Зоран Заев целосна поддршка да го заврши она што заедно со мнозинството граѓани во оваа земја го започна, да нема режим, криминал и корупција, да владее независна правна држава во која секој е еднаков пред законите. Да не се вратиме во мракот. Никогаш повеќе да не се повтори режим!

Ние ќе ги трпиме сите навреди, лаги, притисоци заради граѓаните на нашата заедничка татковина, Република Северна Македонија, нивните семејства и нивните деца, за нејзината иднина, за нејзината слобода.

Вице Заев

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...