Со децении нашата држава трошеше милиони, ако не и милијарди евра, во обид да спасат од пропаѓање социјалистички гиганти фрлени на колена, фирми загубари, компании без перспектива. Целта беше јасна – да се обезбедат незаработени плати за вработените и некако да се сочува социјалниот мир. Иако на сите им беше јасно дека тој концепт е слепа улица.
Пред два дена премиерот Зоран Заев и вицепремиерот Кочо Анѓушев беа во компанијата „Алкалоид“, за да се пофалат дека државата финансиски ќе го поддржи нејзиниот план за развој во следните пет години. И веднаш се јавија душегрижници да прашаат зошто воопшто да се поддржува една профитабилна компанија, дали на тој начин економијата не се „етатизира“, та дури и дали не е во прашање некаква матна зделка меѓу власта и успешниот менаџер Живко Мукаетов.
Не, не и не!
Ретко имам прилика да ја пофалам оваа власт (нѐ задушија од корупциски скандали), но овој пат ќе речам дека овој потег и општо земено, концептот за поддршка на развојот на успешните компании, е одличен потег, кој веќе дава и допрва ќе дава резултати. Помагањето на неуспешните фирми што пропаѓаат е фрлање пари во ветер, додека поддршката на успешните е инвестиција. И тоа добра инвестиција! Успешните ќе станат уште поуспешни, ќе заработуваат повеќе, ќе ангажираат нови врабитени, ќе делат повисоки плати (а со тоа и придонеси во државните фондови), ќе плаќаат повеќе даноци. Едноставно, вложените пари ќе се вратат повеќекратно.
„Алкалоид“ е одличен пример за тоа. Компанијата има повеќе од 2.000 вработени, а просечната нето плата по вработен е над 700 евра. Само лани компанијата вработила нови 212 работници и инвестирала 17 милиони евра. Секоја од овие бројки значи и повеќе пари од „Алкалоид“ за државната каса.
Радува фактот дека лани се регистрирани рекордни странски директни инвестиции од 624,5 милиони евра. Но, јас ќе се радувам тогаш кога државата сериозно ќе ги поттикне домашните компании да инвестираат, да освојуваат нови пазари, да работат и да заработуваат. Лани 250 домашни компании добиле финансиска поддршка за своите развојни планови. Се надевам дека сите 250, без исклучок, се успешни компании. Бидејќи само успешните можат да донесат општ напредок.
Не сум наивен, свесен сум дека сме далеку од едно позначајно раздвижување на реалниот сектор на економијата и дека тој сектор постојано е под притисок со зголемени и неразумни давачки да ја „нахрани“ прекубројната администрација, која упорно метастазира. Но, кога ќе забележиме макар еден обратен, охрабрувачки пример, мислам дека не смееме да пропуштиме да го одбележиме и да воскликнеме – шуќур, другарки и другари, тоа е тоа што се очекува од вас, а не оние глупости со кои нѐ забавувате секојдневно!