Претстои жешко политичко лето во кое руските влијанија ќе се почувствуваат и во Грција и во Македонија. И во двете земји, радикалите и црквата работат во руски ритам против спогодбата меѓу двете земји. Со истите пароли, со истата омраза и со истата иконографија, само на различен јазик. Тие ги користат сите и највалканите средства за да стасаат до својата цел – враќање на претходната состојба и понатамошно дестабилизирање на Балканот. Таа дестабилизација оди преку осуетување на македонските интеграции, внатрешно разединување и радикализација по етно-верски линии. Во нивните скрипти со стратешки планови, Македонија не смее да стане пример за мултикултурно, демократско и просперитетно општество.
Македонија повторно мора да изоди пат со чекори од седум милји. Сега ѝ е потребна меѓународна поддршка повеќе од кога и да е. Евро-бирократите мора да им отстапат место на лидерите со визија и да ѝ овозможат на земјата да продолжи да ита со брзи чекори кон евро-атлантските структури. Неуспехот на Македонија на овој пат ќе биде тежок и срамен неуспех и за меѓународната заедница.
Барањата на Мицкоски и неговиот дел од ВМРО-ДПМНЕ за амнестија на осудените за Собранието покажува многу нешта, но не и грижа за нив. Ни оддалеку. Проблемот на Мицкоски и неговите газди од Фамилијата е што осудените не се единствените виновници. Мицкоски бара амнестија, затоа што ги штити архитектите на нападот, кој беше само уште едно недело по долгото криминално владеење. А можеби и тој самиот е високо на листата организатори и налогодавачи? Несомнено, тоа е главниот мотив за неговото најново бламирање и дополнително разоткривање пред македонската јавност.
Ултра тврдиот став на Мицкоски против спогодбата со Грција некои го толкуваат и како љубомора. И има зошто да биде љубоморен. Неговата партија пропушти уште една историска шанса да се потпише на еден договор значаен во светски рамки. Затоа, застанува на сосема спротивната страна – една класично балканска позиција, слична на магарешкиот инает. Иако изгледа толку апсурдно и смешно, инаетот не смее да се исклучи од листата на причини. Но, главната причина секако лежи во руско-турската антизападна политика. Кога тој притисок би попуштил, оваа политичка партија, и онака разединета, ќе мораше да заземе поинаков курс.
Радикалниот етно-национализам и шовинизам што го гледаме на улиците, медиумите под нивна контрола и на социјалните мрежи веќе одамна не може да го скрие силниот руски зачин. Извесно е дека во еден момент, ВМРО-ДПМНЕ ќе биде принудена да направи маневар и (само божемно) ќе се откаже од мајка Русија и ќе се обиде да ја прикаже својата “борба” како изворно идеолошка, се разбира “патриотска”. Затоа и најгласните руски пиони доаѓаат од редовите на гротескни сателити на партијата. Тие ќе се откажат од проруските радикали додека трепнеш, како што се откажаа и од бандитите и убијците што го нападнаа Собранието на 27 април. Но, политичките и шпионско-мафијашките линкови ќе останат, бидејќи се длабоки и нераскинливи.
Мицкоски и неговата партија ќе сторат сѐ што е во нивна моќ да го осуетат подобрувањето на изборниот систем и институциите поврзани со изборните процеси.
Неговата партија со години го уништуваше изборниот систем, бидејќи со негово киднапирање, тоа стана еден од изворите на нивната моќ во државата. Сега ќе продолжат со тоа, за да можат да уценуваат. И тоа не го прават од љубов кон узурпаторот на претседателската функција, ниту го блокираат процесот на организирање референдум од патриотизам. Во прашање е калкулација. Разнишан систем и нефункционална изборна администрација им дава можност да приговараат против аномалиите кои сами ги создадоа. Истото се однесува на сите други процеси.
Затоа, оправдани беа предупредувањата дека средбите (и оние тајните) меѓу Заев и Мицкоски нема да донесат ништо добро и дека ВМРО-ДПМНЕ само купува време за да се консолидира и да продолжи со деструкцијата. Оваа лекција ја чини земјата веќе сега многу скапо, а повторување на грешката да се комуницира со Мицкоски надвор од институциите може да биде погубна по процесите. Особено затоа што зад него и неговиот пандан во Грција (#МицкоТакис) стои архинепријателот на западната демократија. СЈО, ОЈО, судовите и органите на државната безбедност имаат многу работа овие денови. Да се надеваме дека и работат.