Вистина или лага? „Брзав за да стигнам навреме“

1224

Една поговорка што повозрасните возачи често знаат да ја кажат, вели: „Вози бавно, стигни славно“. Убаво речено, но ќе биде уште поубаво ако возачите ја разберат и нејзината суштина, што всушност значи спасување човечки животи. За жал, во реалноста се случува нешто друго…

Секојдневно сведочиме за голем број сообраќајни незгоди предизвикани од брзо и агресивно учество во сообраќајот. Секојдневно сведочиме за несакани случки со возачи кои возат брзи и бесни автомобили. Улиците и патиштата се користат како стази за достигнување огромни брзини.

Постепено се менува перцепцијата за дозволената брзина во сообраќајот, па се добива чувство дека прекршувањето на правилата за ограничување на брзината е нормално, очекувано, оправдано, па дури и потреба.

Брзиот и динамичен живот, бројните обврски, постојаниот недостиг на време, не е, и не може да биде оправдување. „Брзав за да стигнам навреме“ е најчестиот изговор што го користат возачите, со цел да објаснат зошто направиле одредено опасно дејствие – брзо возење. Од тука, со право се наметнува прашањето: вистина е или лага? Дали навистина брзото возење ќе донесе и заштеда на време? Што ако сите брзаат и не ги почитуваат правилата во сообраќајот? Дали тоа ќе овозможи безбеден и фреквентен сообраќај или ќе продуцира метеж, односно сообраќаен хаос со голем број повредени и загинати лица? Дали навистина „добивате“ на време? Дали „добиеното“ време е толку драгоцено за да го ризикувате сопствениот живот, животот и здравјето на вашите најмили и воопшто животот на кој било учесник во сообраќајот? Што е со изгубената младост и изгубениот живот на тие што загинале во сообраќајна незгода или се здобиле со траен инвалидитет?

Брзото и агресивно однесување во сообраќајот изнудува грешки кои завршуваат со фатални последици. Брзото возење е причина број еден за предизвикување сообраќајни незгоди со тешки и фатални последици. Статистиката покажува дека минатата година, во Република Македонија, 72 лица, односно 46% од вкупниот број загинати лица во сообраќајни незгоди се последица на брзо возење.

Во 2017 година, повеќе од половина од настраданите лица во сообраќајните незгоди во Европа, настрадале поради пребрзо возење. Некои поради неприлагодена брзина кон условите на патот, а некои поради преценување на сопствените квалитети и можности, или поради игнорирање на опасностите на патот.

– Запрете за миг, размислете добро и заклучете: што е тоа што го добивате, а што е тоа што го губите, или може да го изгубите, доколку не ги почитувате правилата за ограничување на брзината – советува РСБСП.

Оттаму потсетуваат дека брзината на движење на патиштата во Република Македонија е ограничена во зависност од условите на патот и истата е обележана со соодветен сообраќаен знак. Глобата за непочитување на оваа законска обврска изнесува и до 400 евра, односно соодветен број негативни поени и времено одземање на возачката дозвола.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...