Општествената одговорност на компаниите се развива уште од 18 век, а меѓу првите дефиниции на овој поим е онаа на американскиот економист Хауард Бовен (Howard Bowen): за корпоративната одговорност е определбата на компаниите дека принципот на општествена одговорност треба да биде предмет на стратешко управување, а не некоја странична цел.
Тоа во суштина би значело остварување на четири значајни одговорности на секоја компанија:
економска одговорност, како основа на делувањето на секоја компанија, чија цел е создавање профит;
правна одговорност, што се состои во почитување на законската регулатива при работењето;
етичка одговорност, како значаен принцип кој значи да се работи исправно и во согласност со вредностите кои се дел од организациската култура и
филантропска одговорност, која значи активно да се придонесува и за благосостојбата на целокупното општествено опкружување.
Во современи услови, корпоративната општествена одговорност е принцип кој е длабоко вграден во корпоративното управување, како сет на процеси, обичаи, политики и прописи кои го одредуваат начинот на кој се донесуваат одлуките и се следат перформансите во една компанија, на патот кон остварување на поставените цели – компаниски и општествени.
Со раздвојувањето на сопственоста од управувањето со капиталот, неминовно доаѓа и до промени во начинот на управување на компаниите, па сите чинители имаат директен или индиректен поединечен интерес од работата на компаниите: вработените и менаџментот добиваат плати и награди, акционерите добиваат приходи од капиталот, купувачите ги добиваат потребните добра и услуги, а добавувачите добиваат соодветен надомест за продадените добра. Со тоа, сите чинители обезбедуваат определена вредност, но доколку кон сите овие вредности не се додаде и јасно прокламира и стремежот на компанијата кон некоја јасно определена заедничка цел, која е општествено корисна за еден поширок круг во заедницата, тогаш остануваат незабележани и компаниските поединечни цели.
Водечките корпорации, меѓу кои „Coca Сola“, „Microsoft“, „Sony“, „Intel“, „Procter & Gamble“, „Dell“, „IBM“ и многу други, познати се по своите производи и услуги, но и по корпоративната филантропија. Тие ја придобиле лојалноста на своите купувачи преку долгогодишното вложување напори насочени кон исполнување на целите и очекувањата на интересните групи, што, секако, на крајот резултирало и со финансиски ефекти и водечки позиции на светскиот пазар.
Токму затоа, општествената одговорност на компаниите е прашање кое е дискрециона одлука на секоја компанија, односно прашање кое не треба да се уредува со прописи, туку треба да биде дел од една високо развиена јавна свест, корпоративна култура и вредности , чија цел не се состои во обезбедување на определени даночни повластувања заради дадените донации или спонзорства во јавните дејности, туку истата придонесува кон јакнење на нивната конкурентност во глобалната економија преку зголемување на додадената вредност на нивните производи и услуги, придонесува за подобрување на угледот и имиџот, заштита на животната средина, подобрување на социјалните услови во заедницата, како и промовирање на етичкото управување.