Веќе 36 часа трае спасувачката акција кај Корнати, а бродот со 250 патници сè уште не е извлечен. Акцијата за извлекување на ,,Аурелија” беше отежната поради високите бранови и невремето. Бродот, кој во средата околу 20.30 часот испловил од пристаништето во Анкона, во Сплит требало да пристигне вчера во 7 часот, но од завчера не може да продолжи да плови, откако во Далмација му откажа еден од моторите.
Среќна околност е што за време на оваа несреќа нема загадување на морето и нема повредени на бродот. Проценките се дека патниците и денеска, најверојатно ќе останат на бродот, со надеж дека наскоро ќе бидат спасени.
Патничкиот ферибот ,,Аурелија” долг 148 метри, кој превезувал 215 патници и 92 членови на екипажот, редовно пловел помеѓу Анкона и Сплит под знамето на Кипар.
Вчера два реморкери се обидоа да го извлечат бродот, но не успеаја поради лошите временски услови. Последните информации се дека реморкерот ,,Полукс” вчера попладне се прицврстил на бродот и започнала акцијата за негово влечење кон пристаништето во Сплит. Акцијата се одвива забавено поради лошите временски услови.
Поради настанатата ситуација, патниците на бродот имаат право да бараат да им бидат вратени 50 отсто од средствата коишто ги платиле за патувањето.