Високиот комесар за бегалци на ОН: Северна Македонија е пример за регионот и пошироко

109
Filippo Grandi

Во седиштето на ОН во Женева, делегацијата од Република Северна Македонија, предводена од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, а во чиј состав е и заменикот министер за надворешни работи, Андреј Жерновски, денеска одржаа билатерална средба со високиот комесар за бегалци на ОН (УНХЦР), Филипо Гранди.

Како што соопшти МВР, на средбата особено позитивно беше оценета досегашната соработка на УНХЦР и РСМ и во таа насока се разговараше за тековните програми на Канцеларијата на УНХЦР во земјата и во светот, како и потребата за продлабочување на солидарноста на државите во решавањето на прашањата поврзани со бегалците.

– За време на разговорите беа отворени и темите за тековната ситуација со мигрантите, предизвиците поттикнати од бројните конфликти кои резултираат во раселувања од огромни размери и присилното движење на население и пролонгираната хуманитарна криза која е во тек – се наведува во соопштението.

Министерот Спасовски, се посочува, на состанокот го информираше комесарот Гранди за ратификацијата на Конвенцијата на ООН од 1961 година за намалување на бездржавјанството и пристапување на Република Северна Македонија кон овој меѓународен инструмент.

– Ова прашање е висок приоритет на Владата на РСМ како дел од Акцискиот план за имплементација на Целите за одржлив развој и исполнувањето на фундаменталното начело – не оставај никој зад себе, исто како што е високо на агендата на УНХЦР и на актуелниот Генерален секретар на ООН, истакна министерот Спасовски.

Тој потенцираше, се додава, дека Владата на РСМ и понатаму ќе продолжи посветено, своите политики да ги креира и спроведува, почитувајќи ги основните права и слободи на човекот и граѓанинот.

Заменик мнистерот Жерновски го искажа ставот дека како земја сериозно го следиме овој сегмент, ја потенцираше важноста на меѓународната соработка како и максимизирањето на напорите и ресурсите во одговорот на ситуацијата на бегалците која го зафати светот.

– Способноста на државата да се справува со овие тешки прашања е она што ја прави РСМ сериозен меѓународен партнер. Кон ваквите политики се стремиме, тоа се базичните вредности на Европа, но и на светот, нагласи заменик министерот – Жерновски.

Високиот комесар за бегалци на ОН Гранди ја поздрави ратификацијата на Конвенцијата на Организацијата на обединетите нации (ООН) од 1961 година за намалување на бездржавјанството потенцирајќи дека можеби ова е мал чекор за РСМ, но голем за Обединетите нации.

Комесарот Гранди, се посочува, ја поздрави храброста и одлучноста со која РСМ го реши отвореното прашање за името со Република Грција и посочи дека земјата е позитивен пример за регионот и пошироко.

Гранди истакна дека особено се ценат напорите што нашата држава ги вложува во поглед на бегалците, а го претстави и Глобалниот компакт за бегалци и го најави Глобалниот форум за бегалци кој ќе се одржи во декември 2019 година во Женева. Притоа, ја покани државата да даде свој придонес во областите на социјална инклузија на бегалците и искоренување на бездржавјанството. Исто така, тој ја истакна подготвеноста на ОН да и дадат помош и поддршка во процесот на усогласување на закнодавството и преговорите за сегментите од поглавјата кои ги опфаќаат прашањата на азил и миграција.

На средбата беше заклучено дека соработката меѓу РСМ и УНХЦР ќе продолжи со цел да се најдат најсоодветни решенија за институционално-правната рамка за евидентирање на сите лица, на кои треба да им се обезбеди основната лична документација за да се стекнат со правен статус, кој потоа ќе им ги обезбеди сите права што ги имаат и сите други граѓани на нашата земја, се наведува во соопштението од МВР.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...